Линкови за пристапност

Правните лекови, може само кусо да го одложат затворот на Груевски


Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ го доби упатен акт за во затвор за случајот „Тенк“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:24 0:00

Осми ноември е рокот до кој експремиерот треба самиот да се јави за отслужување на двегодишната затворска казна

За две седмици од сега Никола Груевски ќе мора да се појави во затвор. Осми ноември е рокот до кој експремиерот треба самиот да се јави за отслужување на двегодишната затворска казна.

На поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Кривичниот суд му бил врачен упатен акт за во затвор за случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот мерцедес.

Документот, Груевски го добил во Судот каде присуствувал на рочиште за друг случај во кој е обвинет.

Судското објаснување е дека така е постапено бидејќи Никола Груевски не бил најден на домашната адреса.

На почетокот на месецот, Скопска апелација ја одби жалбата на Груевски, и ја потврди првостепената пресуда за затворска казна од две години.

Неговиот адвокатски тим има поднесено жалба до Врховниот суд, но, таа не го одлага извршувањето на казната.

Не се исклучува можноста одбраната да се обиде да искористи дополнителни правни лекови, кои можат евентуално кусо да го одложат издржувањето на санкцијата.

Груевски, по добивањето на упатниот акт, ги избегна новинарските екипи пред Судот, искористувајќи други излези од зградата.

Во случајот, покрај Груевски и помошникот-министер во МВР Ѓоко Поповски, првостепена пресуда има и за ексминистреката Гордана Јанкуловска, која е осудена на 6-годишна затворска казна.

„Тенк“ е предмет за купувањето на мерцедес вреден 600.000 евра во кој се докажа дека возилото било набавено во тендер во кој се фаворизирала една компанија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG