По средбата, лидерот на опозициската СДСМ рече дека не е постигнат договор по барањата за Изборниот законик. Во врска со Избирачкиот список, барањето на СДСМ било проверката да трае 30 дена, додека владеачката партија сметала дека тоа може да се заврши за 20 дена. Лидерот на опозицијата рече дека кај владеачката партија не постои интерес за деблокирање на сметките на медиумите од „Перо Наков“ бб. Тој сепак рече дека двете страни се подготвени за уште една средба, особено што не била постигната согласност ниту околу Составот на комисијата и рокот за пречистување на избирачкиот список.
Црвенковски рече дека „не се договорени ниту детали околу начинот на гласање на дијаспората, а за предлогот малите етнички заедници да имаат загарантирани квоти во Парламентот постигната е начелна согласност, но без мандат да се решава во името на другите партии особено во име на партиите на Албанците“.
Во изјава за медиумите, од своја срана, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски соопшти дека е постигнат договор за избегнување на појава на шпекулативни листи, да не се врши никаква вонредна исплата на плати, пензии или социјална помош и да не се употребуваат мобилните телефони за сликање на гласачкото ливче.
По средбата, Бранко Црвенковски изјави дека доколку не се прифатат клучните барања СДСМ нема да се врати во Собранието, а не е исклучена можноста за бојкот на евентуалните предвремени избори.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски рече дека барањата на СДСМ се само параван за неизлегување на предвремени избори, односно одложување, затоа што знаат дека ја немаат поддршката од граѓаните и оти во наредните четири години ќе бидат во опозиција.
Според Груевски, предвремени парламентарни избори се можни и ако се случи опозицијата да ги бојкотира.
Груевски посочи дека доколку се оцени за потребно, ќе има повторна средба со Црвенковски, но и со лидерите на другите парламентарни партии.