Линкови за пристапност

Груевски гостин на А1 ТВ

update

Груевски гостин на А1 ТВ

Македонскиот премиер на свое барање даде интервју во импровизираното студио на телевизијата пред Владата.

Премиерот Никола Груевски дојде во А1. Тој синоќа заедно со уште неколкумина министри, негови најблиски соработници, се појави во импровизираното студио на приватната национална телевизија А1 пред зградата на Владата за, како што рече, „да одговори на јавните повици и да ги прокоментира сите работи за кои деновиве се говори“.

Груевски рече дека бил принуден да замоли да биде гостин во А1 бидејќи во изминатите речиси две години никој не го повикал да гостува во, според рејтинзите, најгледаната телевизија во Македонија.

На прашањето зошто власта се одлучи на чекорот да ги блокира сметките на телевизијата и ја доведе во ситуација на преживување, Груевски одговори дека „случајот Перо Наков бб“ е во рацете на судската, а не на извршната власт.

„Деновиве се соочуваме со една ситуација во која што имаме замена на тези. Имено, целата ситуација што започна околу случајот Перо Наков, започна по судска одлука, значи не по одлука на Влада. Владата нема ниту законско право, ниту пак сака да ја затвора А1. А1 и другите фирми кои што се наоѓаат на Перо Наков имаат одлука од надлежен суд за замрзнување на сметка“, рече Груевски.

Македонскиот премиер рече дека во интерес на оваа Влада е А1 да постои и дека нему лично, и како премиер, не му пречат критиките, туку напротив, дека критиките им користат. Груевски истакна дека ниту тој, ниту некој од неговите соработници не сакал да биде „ главен уредник“ на телевизијата. За него, дефиниција за слобода на медиумите е тие да бидат под политичко и партиско влијание, и е сигурен дека Владата презема се` во делот на почитувањето на човековите права во земјата, секогаш кога ќе се детектираа евентуално нарушување.

Премиерот Груевски ја коментираше и актуелната политичка состојба во државата по одлуката на опозицијата за бојкот на Парламентот.

За него, одлуката за бојкот е нелегитимна, „изговор за да се направат проблеми“ и „штетна за државата, за нејзиниот имиџ“.

„Тие (опозицијата, н.з.) не испорачаа кон нас, ниту кон Парламентот, ниту кон Владата легитимно барање како што беше пред повеќе месеци во врска со Деловникот за работа на Парламентот. Тие тогаш побара 22 работи и ние ги исполнивме сите нивни барања. Сега имаат нелегитимно барање. Тие се незадоволни од судска одлука, а бараат Владата да им го заврши тоа. Ние тука не можеме да им помогнеме. Јас ова го гледам како барање на изговор за да се направи проблем“, рече Груевски.

Тој уште еднаш кажа дека засега нема одлука за предвремени избори, како што тоа го побараа некои опозициони партии, како и дека владата на чие чело е ВМРО- ДПМНЕ „ќе ги разгледа сите опции“ и навреме ќе и ја соопшти одлуката на јавноста.

XS
SM
MD
LG