Линкови за пристапност

Грковска за Анѓушев – очекувам институциите да преземат неопходни мерки


Поради вмешаност во корупција САД вчера го ставија Кочо Анѓушев на црна листа.
Поради вмешаност во корупција САД вчера го ставија Кочо Анѓушев на црна листа.

Делумен молк од институциите, и целосен молк од политичките партии по ставањето на Кочо Анѓушев на таканаречената американска црна листа. Најјасната реакција стигна од вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, која во одговор на новинарско прашање рече дека „очекува институциите да ги преземат неопходните мерки“.

„И претходно сум изјавила дека главната обврска е на домашните институции, но секоја помош од меѓународните институции, од нашите пријателски држави, особено САД, кои се стратешки партнер е добредојдена и очекувам меѓународните и домашните институции понатаму да ги преземат сите неопходни мерки согласно укажувањата. Веќе предложивме и тоа помина на Влада да се направат измени во Законот за рестриктивни мерки, при што покрај санкциите од ЕУ и ОН, ќе бидат додадени и санкциите од САД и тоа ќе биде дополнителна вредност во борбата против корупцијата и организираниот криминал“, порача Грковска.

Двете главни политички партии од кои едната е на власт, а другата во опозиција, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во дневните прес-конференции и соопштенија го одмолчеа фактот дека некогашниот вицепремиер за економија во владата на Заев, и бизнисмен кој важи за човек со одлични релации и со партијата на Христијан Мицкоски, од вчера е на црната листа.

„Сликата на оваа власт се тендери во четири очи, криминал, црни листи, корупција од најниско до највисоко ниво. Урнисана економија, сиромаштија и огромна инфлација, која зема се поголем замав“, пишува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ без да се спомене Анѓушев кој е на црната листа токму поради коруптивни дејства.

Порака за ваквата ситуација со корупцијата прати и шефот на државата кој се повика на изјава на еден амбасадор – дека земјата мора да го смени менталитетот.

„Не само закони, треба да го промениме менталиетот. Менталитетот се менува со години ако притоа има политичка волја и широк општетсвен консензус. Се наоѓаме пред еден долг политички и општествен процес. Моја проценка е дека одиме кон предизборен период, некои поголеми зафати нема да бидат можни поради предизборието. Но, со новиот парламент и влада, со еден широк консензус, да се направи нов Рамковен договор за борба со корупцијата и економијата“, рече претседателот Стево Пендаровски.

За подобрување на состојбата со корупцијата и организираниот криминал не помагаат промените во Кривичниот законик, велат и дипломатите и експертите.

„Изразуваме сериозна загриженост за измените на Кривичниот законик со кои се намалува максималната законска казна, во некои случаи и за сериозна корупција што доведува и до пирмена на застарувањето како инструмент и се попрачува можноста на надлежните институции да истражуваат вакви случаи во иднина. Ваквите измени овозможуваат правна празнина која може да се користи во злоупотреба на јавната функција“, вели амбасадарот на ЕУ, Дејвид Гир.

„Она што се случи со Кривичниот законик, што претставува ново поле за трговија меѓу партиите, мене не ми дава надеж дека борбата со корупцијата ќе се зајакне, напротив остава простор за простор за нови жаришта“, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Вчерашниот чекор на Стејт департментот е најнов во низата ставање македонски граѓани на црната листа како начин да се помогне на земјата во справувањето со еден од најголемите проблеми – корупцијата и организираниот криминал.

„Соединетите Американски Држави го означуваат Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, како генерално неподобен за влез во Соединетите Држави поради неговата вмешаност во значителна корупција“, соопшти Стејт департментот.

Реакции откако Анѓушев заврши на црната листа на САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:35 0:00

XS
SM
MD
LG