Според италијанските власти, евакуирани се сите патници од траектот Норман Атлантик што пловел за грчката компанија Анекс Лајнс, а на кој во неделата избувна голем пожар. Сепак, во инцидентот животот го загубиле осуммина од вкупно 478-те патници.
Капетанот на бродот, почитувајќи ја морнаричката традиција, останал на него, се` додека сите патници не биле изнесени на копно.
Италијанскиот премиер Матео Рензи ги пофали напорите на спасувачките екипи, велејќи дека бил спречен „поморски масакар“.
Евакуацијата, што траела 24 часа, била попречувана од силни ветришта, ниски температури и немирни води.
Преживеаните ја опишуваа хаотична сцена на бродот по избувнувањето на пожарот што потоа предизвикал паѓање на системот за навигација. Според сведоците, членовите на екипажот се чинело дека не биле подготвени за справување со ваков вид на вонредна ситуација.
Италијански обвинител соопшти дека ќе покрене кривична истрага по случајот со цел да се утврди дали инцидентот се случил од невнимание.
Во моментот кога се случил пожарот, траектот пренесувал автомобили и патници од грчкото пристаниште Патрас, преку Јадранското Море, до италијанскиот пристанишен град Анкона.
Надлежните власти изјавија дека врз бродот била направена инспекција на 19-ти декември во Патрас и дека минорните проблеми биле отстранети.