Линкови за пристапност

Во Грција бегалците цел на трговци со бело робје


Ранлива група на млади бегалци во канџите на проституцијата

„Јас сум ви како чичко,“ им вели постар човек на Али кој има 17 години, и на неговиот за една година помал брат Ахмед, пред да стутка банкнота од 20 евра во раката на Ахмед.

Момчињата само што пристигнале во Атина, бегајќи од Авганистан и од членовите на Талебан кои го убиле нивниот татко, но тие целосно не` избегале од опасностите.

Тие го сретнале овој човек двапати, но една недела подоцна тој дошол со придружници, и двајцата браќа за малку избегнале киднапирање.

Во Грција има се` повеќе извештаи дека млади лица, бегалци без придружба и мигранти се втурнати во канџите на проституцијата.

Овие извештаи упатуваат на поширок проблем, кога млади лица без придружба стануваат жртви како резултат на недостатоците на грчкиот систем за давање на азил.

Без фамилија, без пари

Али и Ахмед пристигнале во централниот дел на Атина, наречен плоштад Викторија, познато место за средба на бегалците.

Како и илјадниците други кои го презеле ризичниот чекор да патуваат кон Европа без придружба на возрасни лица, тие се нашле себеси во непознат град, без помош и без идеја што следи.

По неуспешниот обид да бидат вклучени во синџир на проституција, обично вториот обид е изнудување на пари. Ова е типична тактика која се користи за наведување на младите во синџир на сексуална трговија, објаснува социјалниот работник, Тасос Сметопулос.

По затворањето на границите минатата пролет, околу 60.000 бегалци останаа заробени во Грција. Плоштадот Викторија стана познато место каде младите момчиња го продаваат своето тело за пари.

Клиентите, обично повозрасни Грци кои обезбедуваат место за престој и капење на момчињата, некои помлади и од 15 години.

Без пари, и со желба да избегаат од Грција, некои се впуштаат во авантурата доброволно. Но други, вели Сметопулос, се втурнати во стапицата на проституцијата.

„Се губат од радарот“

Процесот на идентификација започнува по пристигнувањето во Грција, но некои малолетници без придружба остануваат без документи и без заштита.

Други избираат да не бидат идентификувани, со цел полесно да заминат во Европа, пат кој стана нелегален по затворањето на границите.

Проблемот беше посебно истакнат минатата година кога Еуропол излезе со проценка дека околу 10.000 деца бегалци без придружба „исчезнале“ по пристигнувањето во Европа.

Според бројките од Обединетите нации, во Грција има околу 2.300 деца без придружба, а само 1.300 од нив имаат „адекватна заштита.“

Браќата Али и Ахмед по бегството од трговците со луѓе сега имаат заштитата. Сместени се од невладината организација „Праксис“ која се грижи за бегалците без придружба.

Забелешка: Имињата на Али и Ахмед се измислени, за да се заштити нивниот вистински идентитет.

XS
SM
MD
LG