Линкови за пристапност

Закана на Грција дека ќе бара пари од Русија


Тоа ги налути европските лидери; друга опција се Кина и САД, велат грчките власти

Лидерите на Франција и Германија можеби помогнаа да се постигне мировен договор меѓу Русија и Украина, но конфликтот придонесе односите меѓу Европа и Москва да се влошат на ниво од Студената војна.

Како дополнение на таа криза е можноста Грција да ги отфли условите за дадениот пакет помош и да го напушти еврото.

Заканите се чини дека не се поврзани, но Грција и Русија имаат долгогодишни односи, како што објаснува Jанис Кокорис, професор на Универзитетот Квин Мери од Лондон.

„Русија и Грција отсекогаш имале тесни врски, главно заради религијата. Имаме минато, сме воделе заеднички војни“, вели Кокорис.

Новиот грчки премиер Алексис Ципрас има јасен став околу санкциите на ЕУ против Москва. За време на неодамнешната посета на Кипар, тој кажа дека продолжителната тензија, што се преобрази во војна меѓу економии, не може да има позитивен исход за народот на Европа. „Во таа смисла“, вели тој, „ Грција и Кипар може да бидат мост за мир и соработка меѓу ЕУ и Русија“.

Ветувањето на Ципрас дека ќе стави крај на мерките за штедење од страна на ЕУ, резултираше на улиците да излезат десетици илјади Грци во знак на поддршка.

Но, доколку преговорите со Брисел пропаднат, грчкиот министер за одбрана неделава изјави дека според „планот Б“, Атина може помош да бара од Москва, ризикувајќи ги односите со Европа и НАТО. Според Сајмон Тилфорд, заменик-директор во Центарот за европски реформи во Лондон, ова е празна закана.

„Мислам дека Русија ќе биде во искушение да обезбеди поддршка, но таа едноставно нема ресурси да го стори тоа. Се работи за земја која и самата минува низ економска криза“, смета овој експерт.

Можно е Кина да излезе во пресрет. Државниот гигант за бродски превоз Коско пред пет години купи половина од грчкото пристаниште Пиреја за преку половина милијарда долари. Засега се` е неизвесно, откако новата влада во Кина даде знаци дека ќе се обиде да ги укине програмите за приватизација чија цел е намалување на актуелниот долг на оваа земја.

Атина, како можна земја која би обезбедила помош, ги наведе и САД. Вашингтон понуди поддршка за грчкиот проблем против натамошни мерки за штедење, но се чини дека нема да напишат чек, вели Сајмон Тилфорд.

„Претседателот Обама застана на грчката страна, велејќи дека една земја не може да биде бесконечно во депресија, мора да напредува. Но, Американците попрво би ставиле притисок на Германија и остатокот од еврозоната за постигнување договор, отколку да обезбедат директни финансии за Грција“, истакна Тилфорд.

На грчката закана дека државата ќе побара помош надвор од Европа, дури до Русија, се гледа како на најнов чекор во стратегиска игра. Но аналитичарите предупредуваат дека доколку Грција е принудена да го напушти еврото, економскиот очај може да води до драстични солуции.

XS
SM
MD
LG