Линкови за пристапност

Хјуман рајтс воч: Ксенофобија во Грција


Нов извештај на групата за човекови права се фокусира на бранот на ксенофобично насилство против мигрантите во земјата.

Според најновиот извештај на Хјуман рајтс воч, постојат јасни показатели за зголемување на насилството врз мигрантите во Грција.

Бенџамин Вард е заменик-директор на Одделот за Европа и Централна Азија во рамки на организацијата за заштита на човековите права.

Тој вели дека повеќето од малтретираните лица се од Африка и Азија. Некои, потенцира овој експерт, мигрирале од економски причини, но многумина избегале заради репресијата во земјите како Сомалија и Авганистан.

„Заради политиката на Грција, овие лица завршуваат на улица. Заради бојата на нивната кожа и фактот што живеат на улица, сето ова е мошне очигледно“, истакнува Вард.

Грција стана крајна европска дестинација за мигрантите без документи и барателите на азил од Азија и Африка. Но, Вард додава дека грчкиот систем за процесирање на барањата за азил не функционира, оставајќи многумина во безизлезна ситуација.

За потребите на извештајот Хјуман рајтс воч интервјуирал 59 лица кои велат дека избегнале или искусиле ксенофобичен напад меѓу август 2009 и мај 2012 година. Во извештајот се додава дека 51 од инцидентите се сметаат за сериозни напади. За Гласот на Америка Вард објасни дека дури се формирани „граѓански групи“ кои ноќе патролирале во улиците на Атина и напаѓале мигранти.

Вард изјави дека грчките власти прават малку да ги заштитат.

„Во одредени случаи жртвите со кои зборувавме ни кажаа дека кога им пришле на полицајци, тие им сугерирале сами да се бранат. Во други случаи, на жртвите им е кажано дека треба да платат 100 евра, мерка воведена уште пред неколку години доколку имате намера да пријавите криминално дело до полицијата. Имало и случаи кога луѓето добивале закани дека ќе бидат уапсени бидејќи немале легитимации за легален престој“, вели Вард.

Еш Ејмин е експерт за европска расна интеграција на Универзитетот Кембриџ.

Тој истакна дека економскиот притисок во Грција само ја поттикнува ксенофобијата. Овој тренд, вели тој, се протега и надвор од грчките граници.

„Ова е феномен што ја зафаќа цела Европа, од север и југ, исток и запад, иако на различен степен. Се работи на реална политика на страв од странец“, потенцира овој аналитичар.

Грција минатиот месец доби нова влада. Хјуман рајтс воч истакнува дека потребни се итни чекори за да се запре ксенофобичното насилство.
XS
SM
MD
LG