Европските лидери во среда рекоа дека се подготвени за соочување со грчкиот премиер Џорџ Папандреу во врска со неговиот повик за референдум по договорот за надминување на должничката криза.
Францускиот претседател Николас Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел го повикаа грчкиот лидер на средба во Кан, Франција, еден ден пред почетокот на самитот на Г20. Грција не е членка на групата, но неочекуваниот план за референдум на Папандреу брзо стана централно прашање на самитот.
Повикот за грчко гласање се рефлектираше негативно на пазарите на акции во вторникот, зашто инвеститорите беа загрижени оти Грција нема да биде во состојба да ги исплати своите долгови. Спогодбата постигната минатата недела повикува банките да простат 140милијарди од грчкиот долг за да помогнат да се стабилизираат нивните финансии. Но грчките маси жестоко протестираа против мерките на штедење што меѓународните кредитори ги наметнаа на Грција.
Саркози рече дека договор што важи за цел континент е „единствен начин да се реши должничкиот проблем на Грција“, а Меркел се шегуваше дека „ги сака Грците кога се однесуваат разумно“.