Линкови за пристапност

Грција пред сериозна економска криза поради запрениот туризам


Со најавата за повторно отворање на надворешните граници на Европската Унија на 1 јули, Грција со нетрпение очекува зголемен број на патници од странство да дојдат во земјата. Сепак, прогнозите се лоши.

Целата земја се разбранува откако неделава девет годишно девојче, ќерка на невработена хотелска собарка, се онесвести од глад во пекарница на островот Родос.

Повеќе медиуми ја прекинаа редовната програма за да известат за инцидентот додека владините министри беа прилепени за телевизиските екрани ужаснати од приказната.

Танасис Стамулис, претседател на асоцијацијата на хотелски работници на Родос објаснува.

Девојчето стоело во колона, вели тој, чекајќи да купи леб. Но, колабирало од прегладнетост. Ова, за жал, е суровата реалност овде на островот Родос, вели Стамулис. Но, тоа е само мал пример за човечкото страдање што оваа криза го предизвикува во општеството.

Со неверојатните погледи, песочните плажи и спектакуларната средновековна архитектура Родос долго време е врвна дестинација за одмор.

Само минатата година островот привлече над два милиони британски, германски и американски туристи.

Но денес, неколку недели откако почна отворањето на Грција за туристи, ниту еден хотел не успеа да почне со работа што предизвикува огромни загуби и очај низ локалната заедница, вели Стамулис.

Сцените што ги гледате овде се како да излегуваме од војна, вели тој. Обичните луѓе се собираат на плоштадот и ги продаваат личните предмети за да заработат малку пари. Родос е мртов. Речиси сите продавници се затворени. Бизнисот не функционира. Се е мртво.

Во земја која сериозно се потпира на туризмот, ваквите очајни сцени можат да предизвикаат нова рецесија во Грција, само неколку години откако државата успеа да излезе од исцрпувачката десет годишна финансиска криза.

Во неодамнешен извештај централната банка на земјата вели дека приходите од патување биле намалени за 99 проценти во април. Ова се случува откако патувањето во земјата веќе беше намалено за повеќе од 50% од јануари до март во споредба со истиот период од лани.

Од Владата на Кирјакос Мицотакис велат дека се уверени дека дел од загубите можат да бидат надоместени со повторното отворање за патување. Но, дури и Јанис Ретсос, претседавачот на Грчката туристичка конфедерација, агенцијата која ја предводи врвната индустрија во земјата е песимист.

Во овој момент, вели тој, би бил изненаден ако приходите од туризам надминат 4 до 5 милијарди евра.

Тоа е само мал дел од речиси 18-те милијарди евра што земјата ги заработи минатата година од туризмот кој го обезбедува секое петто работно место овде.

Од почетокот на пандемијата Владата вбризга над 10 милијарди евра во економија за да ги одржи бизнисите, во најголем дел во туризмот и трговијата.

Но, се чини дека ова е премалку.

Министерот за финансии Кристос Стајкурас неодамна соопшти дека Владата очекува земјата да има намалување на Бруто домашниот производ од 8 проценти во 2020-та со дури 16 процентен пад во вториот квартал од годинава.

Грција првично очекуваше дека економијата ќе порасне за речиси 3 проценти оваа година, а работниците како невработената собарка од Родос се надеваа на подобри а не на полоши времиња.

XS
SM
MD
LG