Линкови за пристапност

Граѓански активисти: Законите за легализација го стимулираат нелегалното градење


Охридскиот регион е еден од најзасегнатите со проблемот со дивоизградените објекти
Охридскиот регион е еден од најзасегнатите со проблемот со дивоизградените објекти

​​​​​​​Решението за дивоградбите во заштитени подрачја, посебно во Охрид, треба да биде ригорозно. Градбите кои пречат и кои се во заштитено подрачје треба да бидат отстранети. Треба да има големи парични казни, за да не ни се повторуваат вакви објекти, вели Невена Георгиевска од Иницијатива О2.

Иако неодамнешниот предлог Закон за легализација на бесправно изградени објекти од страна на пратeникот Скендер Реџепи, кој рече дека има над 50.000 семејства кои живеат во дивоградби не помина во парламентот, граѓанските активисти велат дека обидот со Закон да се легализира нешто што е нелeгално, претставува правен апсурд.

Сите досегашни закони се резултат на неможноста општините и државата да се справат со проблемот со бесправно градење и соодветна хумана урбанизација, вели Глигорие Ќатоски, од иницијативата „Доста е“.

Граѓански организации бараат ригорозни заштити од дивоградбите
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:08 0:00

„Потребни се системски решенија, потребна е работа и воља од страна на општините и државата. Треба да се вложи во инспекциско тело, кое по мое мислење треба да биде централизирано со седиште во Скопје. Треба да се вложи во човечки ресурси, луѓе кои ќе се компетентни да вршат инспекциски надзор со интегритет. Да се вложи во човечки ресурси во инспекторатот, а тука не исклучувам употреба на современи дронови за рано детектирање на бесправни градби“, вели Ќатоски.

Невена Георгиевска од Иницијатива О2, вели дека треба да се направи добра анализа на состојбата, која е причината што нелегално се градело, дали е тоа социјалниот аспект, недостаток на урбанистички планови, но и за какви објекти се работи, дали тоа се семејни куќи и викендички или луксузни објекти и хотели.

Посебно такви градби кои пречат и кои се во вакво заштитено подрачје треба да бидат отстранети
Невена Георгиевска, Иницијатива О2

„Ваквите решенија не само што не го решаваат проблемот, туку го стимулираат незаконското градење. Стимулираме да не се следат процедурите, кои се неопходни да имаме и плански градби, но и безбедносни и се упаѓа во одредени закони“, вели Георгиевска.

Охридскиот регион е еден од најзасегнатите со проблемот со дивоизградените објекти, со оглед на тоа дека едно од главните барања на УНЕСКО, е справување со ова прашање, за да може Охрид да го зачува овој статус.

Од општина Охрид не кажуваат колку нелегални објекти има на нејзина територија. Само велат дека поседуваат соодветна документација за сите вакви објекти и оти за истите се води постапка или фигурираат како завршени предмети.

„Околу дивоградбите во заштитени подрачја, посебно Охрид сметам дека решението треба да биде ригорозно. Посебно такви градби кои пречат и кои се во вакво заштитено подрачје треба да бидат отстранети. Да има големи парични казни, за да не ни се повторуваат вакви забелешки и објекти, за кои потоа многу е потешко решението“, додава Георгиевска.

Не само општините, туку и државата, не гледам ниту волја, ниту искрена намера да се реши овој проблем
Глигорие Ќатоски, Иницијатива „Доста е“

„Факт е дека општините сами не можат да го решат проблемот. Потребна е поддршка пред се од централната власт и потребни се законски измени во овој дел. Не само општините, туку и државата, не гледам ниту волја, ниту искрена намера да се реши овој проблем. Потребно е да се седне и да се пронајдат системски решенија во врска со овој проблем“, објаснува Ќатоски.

Охрид е едно од позагрозените подрачја, но загрозени се и сите атрактивни туристички населби, подрачја кои се национални паркови и заштитени на друг начин.

„Имаме такви викендички нелегално изградени на Попова Шапка. На Маврово се градат цели населби и во Матка се јавуваат дивоградби“, посочува Георгиевска.

Активистите сметаат дека една од причините за ваквата состојба е неефикасноста на инспекциските служби и нивната ненавремена реакција. Потребно е велат да се изработат и современи генерални и детални урбанистички планови во кои прецизно ќе се знае што треба да се изгради, како и поголема соработка со МВР, но и вложување во обвинителството и судството со цел соодветно, навремено и ефикасно процесирање на постапките поврзани со делото нелегално градење.

XS
SM
MD
LG