Четворица српски полицајци заедно со нивни македонски колеги, летово патролираат низ Охрид и се грижат за безбедноста на локалните жители, домашните и странски гости.
Заедничките патроли се резултат на големиот број туристи од Србија, а кои летово се меѓу најбројните покрај Охридското Езеро.
Нашата основна задача е да сме од помош на српските туристи и на колегите од МакедонијаАлександар Митиќ, Полициска управа - Ниш, Србија.
„Нашата основна задача со престојот во Охрид е да ја подобриме соработката помеѓу нашите народи, држави и полиции. Да им се најдеме од помош не само на српските туристи околу сервисни информации, туку и на колегите од Македонија, ако постојат некои јазични бариери или нешто друго и подобро да го решиме тој проблем. Секојдневно граѓаните ни се обраќаат. Прашуваат за ресторани, сместување, паркинзи“, вели Александар Митиќ, полициски службеник од полициска управа во Ниш, Србија.
„Реагираат многу позитивно кога ќе ја видат нашата униформа. На инстаграм страницата на МУП се наоѓа информација и контакт телефон дека ние сме овде. Во најголем дел добиваме формални прашања во врска со одморот во Охрид и се надеваме дека така и ќе остане“, вели Марко Тричковиќ, полициски службеник од полициска управа во Лесковац.
Полициските службеници од Србија и Северна Македонија патролираат низ најфреквентните локации во Охрид.
„24 часа сме ангажирани заедно. Патролираме низ централното градско подрачје и чаршијата каде имаме зголемено присуство на туристи од странство но, и наши туристи. Како за нас така и за граѓаните, ова е нешто ново“, вели Сашо Вељаноски, полициски службеник од СВР Охрид.
„Ова за мене и моите колеги е едно позитивно искуство, кое се надевам ќе ни користи нас и на колегите од Македонија во понатамошната работа. Луѓето на прв поглед се зачудени, ни приоѓаат, прашуваат зошто и како... и кога ние ќе им ја објасниме причината поради која сме овде, се воодушевени и го поздравуваат овој гест кој го спроведуваат нашата и ваша полиција“, вели Александар Величковиќ, полициски службеник од полициска управа во Врање.
Заедничките македонско-српски полициски патроли значат не само развивање на меѓусебната доверба, туку и подигнување на степенот на безбедност.
„Српските полицајци во Охрид работат според македонското законодавство во соработка со македонските полициски службеници. Тие не носат вооружување и работат според насоките на македонските полициски службеници“, рече Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Присуството на српските полицајци во Охрид беше договорено на неодамнешната средба во Белград меѓу министрите за внатрешни работи Ивица Дачиќ и Панче Тошковски. Овој вид на меѓусебна соработка за прв пат почна да се спроведува во 2008 година, но со прекини.