Линкови за пристапност

Граѓаните ќе почекаат на поевтини производи до идната недела


Есенската потрошувачка кошница ќе биде готова до понеделник и тогаш ќе се знае дали ќе се замрзнат цените или ќе се намали маржата. Над сто прехранбени производи ќе се најдат во кошничката и ќе бидат со намалени цени. Граѓаните алармираат цените секојдневно растат и нема никаква контрола.

СКОПЈЕ – Додека работната група во министерството за економија пресметува дали подобар резултат ќе има замрзнувањето на цените или пак на маржите на 5, 10 или 15 проценти, граѓаните продолжуваат да алармираат дека цените на прехранбените производи и на овошјето и зеленчукот растат од ден во ден.

Иако најавено за денес, сепак ќе треба да се почека до понеделник, кога од економија официјално ќе соопштат со која мерка ќе се оди и кои производи ќе се најдат во т.н. „есенска кошница“, за која министерот Бесар Дурмиши кажа дека ќе содржи над 100 продукти. Предлогот на економија ќе биде доставен до Владата и разгледан на седницата која ќе се одржи во вторник.

„Работната група со претставници на министерствата за економија, земјоделие и финансии уште работи. Како што знам тие и денес работат на оваа проблематика. На крајот на денот или поконкретно во понеделник ќе имаме јасен одговор од нив. Предлогот ќе биде доставен во вторник на Влада каде што ќе се усвои таа одлука и за тоа ќе бидете известени“, соопшти Дурмиши.

Предвидено е во есенската потрошувачка кошница покрај овошјето и зеленчукот да се најдат и пекарските и млечни производи, месо, млеко, шеќер, брашно, ориз, грав и печурки.

Граѓаните негодуваат за посакувањата и бараат контрола на трговците и маржите.

„Со мојата пензија едвај го минувам месецот. Сега морам и да бирам што ќе купам на пазар. Речиси и да нема сезонско овошје и зеленчук кои чинат под 100 денари за килограм. Секој ден е сè поскапо и некој мора да внимава зошто е така“, вели Нада Новакова од Скопје.

Според најавите мерката за поевтини производи ќе биде на сила најмалку еден месец и дополнително ќе се одлучува за нејзино продолжување. Дурмиши најави и дека планира воведување на божиќна, велигденска и рамазанска кошница, во која бидат со намалени цени производите кои граѓаните во празничните денови најмногу ги купуваат.

Стабилизарње на цените експертите очекуваат и со почетокот на примената на Законот за нефер трговски практики кој ќе биде на сила на крајот од овој месец. Со овој закон се предвидува рабатот и дополнителните трошоци од листата на 2.548 тарифни броеви на земјоделски и прехранбени производи во трговија на мало и на големо да се ограничат на 10 проценти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG