Линкови за пристапност

Граѓаните ќе почекаат на кошницата и мерките додека Владата и бизнисот да одлучат што е најдобро


Кошницата и мерките нема да се најдат на утрешната владина седница. Останува неизвесно кога ќе се замрзнат цените или ќе се ограничат маржите на стотина производи, мерки кои Владата ги најави но никако да ги донесе. Виси и Законот за нефер трговски практики.

СКОПЈЕ – Граѓаните и неделава ќе плаќаат високи цени на сезонскиот зеленчук и овошје и ќе чекаат на одлуката дали и на кои стотина прехранбени продукти и производи ќе се намалат цените. Ќе се разговара со производителите и трговците и потоа ќе се донесе одлука кои мерки ќе се применат и кои продукти ќе бидат опфатени, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски. Неизвесен е и стартот на примената на Законот за нефер трговски практики.

Иако министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека денес работната група ќе соопшти за кои мерки станува збор и што се ќе содржи есенската потрошувачка кошница тоа не се случи.

Според премиерот Мицкоски, треба да им се помогне на граѓаните но мора да бидат задоволни и производителите и трговците. Во економијата треба да се одржат состаноци за д асе усогласат ставовите.

„Утрово имав разговор со министерот за економија и труд да ги покани на состанок и производителите и трговците и да разговараат кој е најдобар начин за да им помогнеме од една страна на граѓаните и тие како производители и трговци да бидат задоволни. Не мора да значи дека утре предлогот ќе се најде на седница на Влада. Можеби една недела потоа ако е потребно додека се усогласат ставовите. Не сакаме ништо да правиме на сила“, рече Мицкоски.

Министерот Дурмиши минатата недела најави дека во петок ќе се знае со каква мерка ќе се делува на цените, но потоа рече дека тоа ќе биде денес, а во вторник на владина седница ќе се разговара за кошницата. Но сега допрва треба да се слушне и мислењето на трговците и производителите а премиерот не смета дека мерките ќе бидат задоцнети.

Христијан Мицкоски, претседател на Влада на РС Македонија
Христијан Мицкоски, претседател на Влада на РС Македонија

„ Јас не мислам дека сите немаме исти намери. Мислам дека и производителите и трговците од една страна и ние како Влада од друга страна и мислиме добро на државата и граѓаните. И затоа треба да најдеме начин како практично да помогнеме. Не мислам дека е доцна“, рече Мицкоски.

Неизвесно е и што ќе се случува со Законот за нефер трговски практики кој треба да стапи на сила на 28 овој месец и со кој се очекува да се намалат цените на дел од производите. Бизнис заедницата со различен став за овој закон бидејќи Од Стопанската Комора на северозападна Македонија и од ССК сметаат дека треба да почне примената, но од Стопанската комора до Владата испратија две писма- со првото побараа одлагање и измени, а со второто ги повлекоа барањата.

„Кога ќе ги видите соопштенијата кои доаѓаат од Коморите и различните структури се доведуваме во збунувачка ситуација. Утрово разговарав со претседателот на Стопанската комора и побарав од нив став што да правиме. Нека ни кажат бидејќи добиваме различни писма. Што да направиме? Дали ние како Влада да останеме на ставот за примена на законот за нефер трговски пракси или да го одложиме. Еве ќе чекаме. Како тие ќе кажат така е направиме“, рече Мицкоски.

Во меѓувреме во домаќинствата почнаа да се подготвуваат зимниците а граѓаните бараат да се стави ред во поскапувањето.

Првичните најави беа дека во есенската потрошувачка кошница покрај овошјето и зеленчукот ќе се најдат и пекарските и млечни производи, месо, млеко, шеќер, брашно, ориз, грав и печурки а работната група во министерството за економија треба да пресече дали цените ќе се замрзнат или пак ќе се ограничи маржата до 15 отсто.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG