Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова се македонските атлетичари кои успеаја да се изборат за место на подиумот на денешниот јубилеен, 20. Скопски маратон.
Ивановски, кој е еден од најуспешните македонски атлетичари на долги патеки го освои третото место со резултат од 02:16:26. Поп Арсова, пак, во женската конкуренција, го освои второто место со време од 02:39:39.
Победник во машка конкуренција е Хилари Чемвено од Кенија, со време од 02:13:28, а второто место го освои неговиот сонародник Даниел Кипротич со време од 02:13:53.
Задоволство ми е кога ќе ги видам скопските улици исполнети со луѓе уште во раните утрински часовиКире Синадиновски, Спортски директор на маратонот
Во женската конкуренција, во генерален пласман, прва на целта стигна Ирин Џеруто од Кенија со време од 02:37:52. Третото место ѝ припадна на нејзината сонародничка, Вивиен Џелагат со време од 02:44:16.
На Скопскиот маратон годинава се пријавија рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји. Како што истакнаа организаторите, бројот на машките и женските учесници во трките бил речиси изедначен, односно 52% мажи и 48% жени.
Скопје во претпладневните часови беше претворено во своевидна атлетска арена. Низ улиците можеа да се видат учесници од различни возрасти, а имаше и такви кои учествуваа со своите деца.
„Задоволство ми е кога ќе ги видам скопските улици исполнети со луѓе уште во раните утрински часови. Им честитам на победниците на трките, како и на сите, кои учествуваа и покажаа дека се грижат за своето здравје преку физичка активност“, изјави Кире Синадиновски, спортски директор на Скопскиот маратон.
Во организацијата на масовната спортска манифестација се пријавиле 600 волонтери, при што биле поделени 25 тони вода и два тона овошје на учесниците.
Facebook Forum