Линкови за пристапност

Гордана Силјановска, Бујар Османи, Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски најавија трка за претседател


Информациите од владејачката СДСМ се дека партискиот врв решил повторно да го кандидира актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски
Информациите од владејачката СДСМ се дека партискиот врв решил повторно да го кандидира актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски

Полека се комплетира листата претенденти за врвната позиција во земјата. За неполни 24 часа неколку партии, од кои дел се меѓу најголемите, ги открија своите кандидати за шеф на државата.

ВМРО-ДПМНЕ не изненади, очекувано реши, по вторпат, да трча со Гордана Силјановска-Давкова која и на изборите во 2019 беше фаворит на опозициската партија. Зошто пак таа?

„Во агонија се граѓаните и сите ние и мислам време е за женска димензија во политката, време е за консензус без оглед на припадноста, ако градиме консензус ќе бидеме посилни кон надвор. Она што мене овие 4 години најмногу ме инспирира е филзофијата ако самите не се почитуваме не можеме да очекуваме тоа да го очекуваме од другите. Значи, мислам дека само со самопочит ќе дојдеме до почит. Признавам дека она што го предавав овде тоа не функционира во парламентот“, рече Силјановска-Давкова.

Нејзината кандидатура веќе поддржана од 30 потписи на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои денеска стоеја зад неа, треба да биде потврдена и на конвенцијата на партијата на 2 март.

„Ветувам дека како претседателка моите кандидати ќе бидат најдобри уставни судии, дека амбасадорите ќе се регрутираат низ стручност, а не низ партиска припадност“.

Изборот на владејачката ДУИ, исто така, не е големо изненадување – реши да го кандидира актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи, за кого извесен период се шпекулираше дека е меѓу најсериозните имиња.

Кои се новите кандидати за претседател на државата?
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:36 0:00

Веста ја објави самиот Али Ахмети, кој во обраќањето Русија ја претстави како најголема опасност за земјата и за регионот, и истовремено како една од причините зошто токму Османи е неговиот избор.

„Бујар се има докажано на домашната и меѓународната сцена и победи во битката против Русија, исто така, беше дел од нашата екипа за уставните измени, членството во НАТО и почетокот на преговорите за членство во Европската Унија. Со Бујар го започнуваме најважниот референдум на нашето време и следната битка за да ја добиеме вашата доверба за да го избереме претседателот во Собрание со двотретиско мнозинство и со Бадинтерово мнозинство, за да ја оствариме нашата визија за консенсуален претседател“, рече претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Информациите од владејачката СДСМ се дека партискиот врв решил повторно да го кандидира актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски.

Одлуката треба да биде потврдена и пред партиските тела, а официјалната промоција би била на конвенција на почетокот на март.

Во трката се вклучува и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, порано дел од структутрите на СДСМ, зад кого застана неговата новформирана партија ЗНАМ.

„ На Македонија ѝ е потребен татко на нацијата, чувар на идентитетот и заштитник на историјата. На Македонија ѝ е потребна предвидливост, надеж, стабилност, сигурност, правда, иднина. На Македонија ѝ е потребен претседател којшто ќе го даде максимумот за неа. На Македонија ѝ е потребен Максим Димитриевски“, вели Никола Мемов од ЗНАМ.

Синоќа својата кандидатура ја најави и градоначалникот на Карпош и лидер на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски.

„Граѓанската опција за Македонија одлучи да ме предложи за кандидат за претседател на Република Македонија. Мојата кандидатура не е алтернатива на постоечките, туку сметам дека треба да биде решение да напуштиме еден период во кој одиме постојано по едната или, пак, по другата патека и на крај повторно доаѓаме до истиот резултат, а тоа е резултатот на разочараност“, кажа Јакимовски.

Претходно свои кандидатури најавија и Арбен Таравари, зад кого застана блокот опозициски партии на Албанците, и професорката Билјана Ванковска која ја доби поддршката на Левица.

XS
SM
MD
LG