Стотици вработени во Гугл во Азија, во четвртокот ги напуштија работните места и се приклучија на протестите ширум светот поради работната култура во компанијата и начинот на кој таа се справува со случаите на сексуално вознемирување.
Стотици други вработени во Гугл и соработници, повеќето жени, се очекува исто така да ги напуштат работните места во десетици канцеларии на компанијата низ светот и да се приклучат на протестот.
Ова е показател на незадоволство на вработените кое ескалираше минатата недела откако Њујорк Тајмс објави дека интернет гигантот платил милиони долари за отпремнини на машки извршни раководители обвинети за вознемирување, без да бидат обелоденети случаите поврзани со нивното несоодветно однесување.
Тајмс објави дека, на пример, Гугл во 2014 година му исплатил 90 милиони долари на тогашниот потпретседател Енди Рубин откако беше обвинет за сексуално вознемирување. Рубин ги отфрли наводите во написот, додека Гугл не ги оспори.
Извештајот го поттикна едномесечното движење на вработените за подобрување на третманот на жените и малцинствата и зголемување на различноста. Движењето претходно поднесе петиции, имаше средби со високи извршни директори, како и обука спроведена од групата за права на работниците Coworker.org.
Организаторите доцна во средата побараа од мултинационалниот конгломерат Alphabet Inc., во чии рамки Гугл е компанија ќерка, да овозможи во својот одбор на директори да има и претставник на работниците. Побараа и интерно да бидат обелоденети информациите за еднаквоста на платите, како и компанијата да ги ревидира своите практики во делот на човечките ресурси, за да обезбеди поголема праведност во процесот на пријавување на сексуалното вознемирување.
Извршниот директор Сундар Пичаи рече дека „вработените покренаа конструктивни идеи“ кои компанијата ќе „ги реализира“.
Незадоволството меѓу 94.000 работници на Alphabet и десетици илјади изведувачи не влијаеше негативно врз цената на акциите на компанијата. Но, вработените велат дека очекуваат проблемите во Alphabet ќе продолжат, ако на нив не се реагира соодветно.
Facebook Forum