Денес е Велики Петок за христијанските верници што го празнуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.
Илјадници верници го преплавија Ерусалим, марширајќи по Виа Долороса или Патот на болката во Стариот град на Ерусалим.
Некои носат големи дрвени крстови на раменици, симболично изодувајќи го патот по кој поминал Исус.
Израелската полиција и војници ја обезбедуваат рутата, но, ситуацијата е мирна.
„Се чувствуваме многу безбедно. Не се плашиме дека сме цел на тероризам или насилство“, велат верниците.
Велики Петок годинава се совпаѓа со еврејскиот празник Пасха, и Израелците, исто така, се собраа во Ерусалим да слават.
Папата Францис ќе го одбележи Велики Петок со традиционална поворка околу Колосеумот во Рим.
Годинава тој побара 80-годишна чесна сестра, посветена на спасување жртви на сексуална трговија, да ги напише медитациите за прославата.
Папата рече дека принудувањето жени на проституција е „криминал против човештвото“, и ги повика католиците да ги „отворат очите“ кон жртвите.
Вчера, пак, тој им изми нозе на 12 затвореници, меѓу кои на девет Италијанци, велејќи дека секој мора да му служи на секој, и оти тоа е правилото на Исус.
„Сите мора да бидеме слуги“, рече папата.
Традиционалното велигденско бдеење ќе се случи в сабота ноќта, пред мисата в недела, кога папата ќе даде благослов на градот и на целиот свет.
Facebook Forum