Линкови за пристапност

„Арго“ доби Златни глобуси за филм и режија


Филмот за спасувањето на американски дипломати во Техеран 1979-тата ги победи фаворитите „Линколн“ и „Во глуво доба“.

„Арго“ е неочекуваниот победник на синоќешната церемонија на доделување на филмските награди Златен глобус во Холивуд. Остварувањето, базирано на вистинска приказна за спасувањето на американски дипломати во Техеран 1979-та од страна на агент на ЦИА, доби Златен Глобус за најдобра драма, како и за најдобра режија - на Бен Афлек.

Најсериозни кандидати за наградите беа „Линколн“ и „Во глуво доба“ (во оригинал “Zero Dark Thirty”).

Па сепак, Даниел Деј Луис од „Линколн“ освои Златен глобус за најдобра машка улога, а Џесика Частејн ја доби истата награда во женска конкуренција за „Во глуво доба“.

„Клетници“ победи во категоријата за најдобар мјузикал или комедија, а Хју Џекман, кој игра во „Клетници“, доби награда за најдобар актер во истата категорија.

И покрај тоа што ова беше вечер на филмските уметници, некои критичари наведуваат дека најдобрата изведба на вечерта му припадна на поранешниот претседател Бил Клинтон. Неговото неочекувано појавување на сцената предизвика овации. Клинтон го претстави „Линколн“, филмот режиран од Стивен Спилберг.

За филмските награди Златен глобус гласаат членовите на Здружението на странски новинари во Холивуд и церемонијата нашироко се смета за предвесник кој може да се закити со Оскар - наредниот месец.
XS
SM
MD
LG