Линкови за пристапност

Годишно во просек исчезнуваат 300 лица, од нив 10 се деца


Осум малолетни лица во земјава во моментот се водат како исчезнати велат од МВР.
Осум малолетни лица во земјава во моментот се водат како исчезнати велат од МВР.

Годишно околу десет деца исчезнуваат во земјава, a просечно околу 300 лица, велат од невладината организација „Новинари за човекови права“.

Северна Македонија сега е дел и од европскиот систем за рано предупредување на исчезнати деца, кој има за цел подобрување на мерките за нивно пронаоѓање. Тоа значи споделување навремени информации за децата кои отсуствуваат од училиште повеќе од три дена за да се елиминира ризикот од нивно исчезнување. Тие се дел и од европската мрежа на невладини организации, кои ја третираат оваа пробелматика.

„Преку овој систем за рано предупредување можеме да испратиме порака, апел за одредено дете, кое ние не можеме да го најдеме на територијата на Северна Македонија да го побараме било каде во Европа. Нашите партнери веднаш ја дистрибуираат информација и се запалува тоа т.н. црвено светло, дека одредено дете е можеби исчезнато и дека можеби се наоѓа во Италија, Франција, Германија, особено доколку имаме одредени индикатори, информации дека можеби заминало надвор од границите на нашата држава“, изјави Наташа Доковска која е програмски директор во „Новинари за човекови права“.

Во функција ќе биде и веб-страницата „najdime.org.mk“, преку која ќе се алармира за секое исчезнато лице во земјава.

„Од каде таа инфромација потоа ќе може да се шири до оние компании кои прифатиле истата таа информација да ја прошируваат. Доколку ние имаме соработка со некоја банка, а тоа ни е целта, во моментот кога ќе одите на банкомат да извадите пари веднаш на мониторот се појавува информација со слика и основни податоци за исчезнатото лице“, вели Доковска.

Очекуваат да бидат вклучени и јавното сообраќајно претпријатие во Скопје, такси компании, хотели, односно сите оние места каде има поголема фрекфенција на луѓе и од каде може да се добие соодветна информација за исчезнатото лице.

Станува збор за обемен систем во кој се вмрежени голем број на субјекти. Досега се одржани низа тренизни и за наставници, вработени во центрите за социјални грижи, министерствата за внатрешни работи и здравство.

„Кај нас за среќа се уште не постои некоја организирана група, која киднапира деца, ги мами децата ги зема. Има деца кои едноставно одлучуваат да не одат на училиште. Сакаат да побегнат од дома и да им дадат сигнал на своите родители дека не се задоволни од она што се случува дома кај нив“, рече Доковска.

Според истражувања на „Новинари за човекови права“, најмногу исчезнуваат деца во социјален ризик и деца од дисфункционални семејства.

Според МВР од февруари 2022 година до 17 август 2023 година, исчезнати се вкупно 43 малолетни лица, од кои 35 се пронајдени. Уште по 8 малолетни лицa активно се трага. По сите предмети се постапува во континуитет до нивно пронаоѓање велат од полицијата.

Пријава за исчезнато лице (дете) се поднесува во полициска станица од општа надлежност по место на исчезнување на лицето.

„Потрагата по исчезнатото лице се објавува на локално или централно ниво во зависност од информациите каде би можело да се наоѓа исчезнатиот, а во одредени случаи се распишува и меѓународна објава. МВР презема низа оперативни мерки за пронаоѓање на исчезнати лица. Од прибирање на оперативни информации, преглед на терен, водно и воздушно пребарување и набљудување на терен итн. Потрагата по лицето не престанува до негово пронаоѓање“, велат од МВР.

Инаку според Европскиот центар за исчезнати деца, 300 000 деца исчезнуваат секоја година. Нивната цел е велат да спречат децата да исчезнат или безбедно да ги вратат дома. Инаку во светски рамки според невладините се поголем број деца исчезнуваат и не можат да се следат, што е тренд на модерното општество, а некои стануваат жртви на насилство, експлоатација и трговија со деца.

XS
SM
MD
LG