Линкови за пристапност

Чиј е Гоце Делчев?


Заедничко чествување со Бугарија на неколку значајни личности од средниот век е резултат на досегашната работа на Комисијата. Но, притисокот расте. Еве зошто

Која е улогата на Гоце Делчев или Јане Сандански, која е нивната етничка припадност, чие е Илинденското востание, дали македонската револуционерна организацијата - ВМРО се борела за независна Македонија или за припојување кон Бугарија, имало ли анексија или окупација на територијата на денешна Македонија во Втората светска војна?

Ова се само мал дел од многуте жешки прашања по кои допрва треба да расправаат историчарите од македонско - бугарската експертска комисија.

Станува збор за клучен период за кој во двете историографии засега доминира наративот дека припаѓаат исклучиво на Македонија или на Бугарија.

Токму затоа и се јавија првите сигнали на нервоза кај дел од бугарските експерти и политичари, но, и обвинувања во домашната јавност за „продажба на историјата“.

„Како одиме погоре во времето и се приближуваме до современието, темите стануваат пожешки. Тоа е разбирливо и очекувано, бидејќи токму периодот на 19 и 20 век, т.е. настаните и личностите од тој период се во центарот на историографско-политичкиот спор меѓу двете држави. Во двете општества доминираат историски раскази и традиции кои се исклучиви, и доминира мислењето дека една личност или настан може да припадне само на еден народ или држава. Оттука доаѓаат изјавите и верувањата дека Комисијата ќе ја „продаде“ македонската историја или дека „ќе го предадеме“ Гоце Делчев на Бугарите“, вели проф. д-р Петар Тодоров, член на Комисијата.

Мешањето на политиката и политичарите, изјави и пораки како оние за Гоце Делчев, можат само да ја отежнат работата на Комисијата, вели тој.

„Наивен би бил доколку би рекол дека нашиот тим не бил свесен за доминантниот историски поглед за Гоце Делчев кај интелектуалните и политички елити во Република Бугарија. Се надевам дека во иднина нема да има изјави со кои ќе се радикализираат двете страни и општества. Доколку има, тогаш отворено и јасно им порачувам на политичарите дека секоја политичка изјава и директно мешање во работата на Комисијата само ќе ја одложи нејзината работа и таа ќе даде послаби резултати“, рече тој.

Клучно за успешна работа на Комисијата ќе биде волјата на членовите - настаните и личностите од овој период да ги постават како основа за помирување и соработка, а не конфликт како што беше досега

„Како историчар, можам да кажам дека црвените линии се да не се отстапи од професионалниот и современ начин на толкување на минатото. Неприфатливо е да се наметнува една историска вистина како апсолутна вистина. Доколку сакаме да го надминеме овој спор, неопходно е да бидат земени предвид и двете историски традиции или ако сакате двете „вистини“. Притоа, и двете страни мора да развијат емпатија за другата страна. Во спротивно, и ние и политичарите си го губиме времето и ги лажеме граѓаните во двете држави дека нешто се сменило и работите тргнале на подобро“, вели Тодоров.

Сега се` е во рацете на историчарите од двете држави кои ќе мораат, без емоции и на професионален начин, без политизирање, да го преиспитаат нивниот поглед на историјата.

Владата побара Комисијата „решително да ги забрза“ активностите за значајни теми од нашата заедничка историја кои се однесуваат на периодот од 19 и 20 век. Во досегашната работа на Комисијата, во Скопје и во Софија, се одржаа вкупно шест средби на кои се разгледуваше периодот на антиката и средниот век, како и содржината на учебниците кои се однесуваат на нив.

Владата, пак, завчера донесе одлука со која се прифаќаат сугестиите на Комисијата за заедничка прослава на словенските просветители Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил.

„Прифатени се сугестиите за заедничко чествување на следните личности од нашата заедничка историја: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил. Двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања. При секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува“, соопшти Владата.

Не беше кажано кои се прифатливите датуми и места каде би се одржувале заедничките одбележувања.

Членовите на Комисијата веќе имаат разменето мислења и идеи околу содржината на учебниците на шесто и седмо одделение во Северна Македонија и во Република Бугарија, во кои се изучува периодот на Среден век.

Очекувањата се дека до крајот на годината ќе има начелна согласност за препораките како би требало да изгледа наставната содржина.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG