Линкови за пристапност

Индекс на ранливост „Глобсек 2021“: Македонското општество најотпорно на руско и кинеско влијание во Западен Балкан


Додека мнозинството од населението сè уште го поддржува зацртаниот процес на пристапување во ЕУ што е во тек од 2005 година, ставовите на тие што се симпатизери на авторитарното владеење и на Кремљ и Пекинг исто така играат значајна улога, се вели во извештајот

Најотпорна на руско и кинеско влијание од земјите во регионот е Северна Македонија според Индексот на ранливост Глобсек (GLOBSEC) од истражувањето спроведено во осум европски земји. Во истражувањето, кое е со поддршка од Американскиот Стејт Департмент, бил вклучен и Евро – Атлантскиот Совет на Северна Македонија.

Според истражувањето, македонското општество има индекс на ранливост од туѓи влијанија 40 (на скалило од 0 до 100) и се наоѓа на подобра позиција од Земјите во регионот. За споредба, Бугарија е оценета со индекс на ранливост 42, Црна Гора 44 и Србија има оценка 55.

Globsec Index 2021 - North Macedonia
Globsec Index 2021 - North Macedonia

„Резултатите од индексот на ранливост покажаа дека членството во меѓународните структури (ЕУ и НАТО) придонесува кон поголема отпорност од перспектива на заеднички политички решенија и колективна одбрана, но и дека разликите во квалитетот на јавната администрација, законодавството или заштитата на изборниот интегритет придонесуваат кон ранливостите на опфатените држави“, се вели во соопштението од Евро – Атлантскиот Совет на Северна Македонија.

Во студијата, покрај нашата земја, опфатени се и Бугарија, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Романија, Србија и Словачка. Како мерило за оценка биле пет области, и тоа: јавните ставови, политичкиот пејзаж, јавната администрација, информацискиот пејзаж, како и граѓанскиот и академскиот простор. Фокусот е на можни влијанија од страна на Русија и Кина во овие области.


За Северна Македонија оценката е дека во јавноста преовладуваат прозападните ставови, но дека влијанието на Русијаи Кина не е незначително. Индексот на ранливост во делот со јавното мислење, е 49.

„Додека мнозинството од населението сè уште го поддржува зацртаниот процес на пристапување во ЕУ што е во тек од 2005 година, ставовите на тие што се симпатизери на авторитарното владеење и на Кремљ и Пекинг исто така играат значајна улога“, се вели во извештајот.

Globsec Index 2021 - North Macedonia
Globsec Index 2021 - North Macedonia

Таму се додава и дека има големо влијание врз медиумите.

„Овие ставови се зајакнати преку информативниот простор во голема мера подложен на странско влијание и преку прикриена и отворена медиумска сопственост, како и преку одредени програми и поединци кои ги промовираат интересите на Кремљ. Медиумскиот пејзаж дополнително страда од недостаток на разноликост со информациската средина, која е под удар на кампањите за дезинформација и манипулација“, се вели во истражувањето.

За политичкиот пејсаж во државата, пак, се вели дека е во голема мера отпорен на странско влијание.

„И покрај присуството на политички актери кои им служат на интересите на Москва и Пекинг и растечката фрустрација во општеството по бројните неуспеси во процесот на пристапување во ЕУ, политичките елити остануваат посветени на членството во евроатлантските структури“, се истакнува во делот за Северна Македонија.

Целото истражување е достапно на следниот линк.

XS
SM
MD
LG