Глобален технолошки прекин доведе до откажување летови, погоди банки, болнички системи и медиуми денес, погодувајќи компании и услуги ширум светот, и истакнувајќи ја зависноста од софтверот на неколку провајдери.
Компанијата за сајбербезбедност „Карудстрајк“ рече дека проблемот за кој се верува дека е причина за прекинот не е безбедносен инцидент или сајбернапад, и оти се работи на негова поправка.
Компанијата соопшти дека проблемот настанал кога поставила неисправно ажурирање на компјутерите што работат на „Мајкрософт Виндоус“.
Но, неколку часа откако проблемот беше првпат откриен, нередот продолжи и ескалираше.
Долги редици се формираа на аеродромите во САД, Европа и Азија бидејќи авиокомпаниите го изгубија пристапот до услугите за пријавување и резервација во време кога многу патници заминуваат на летни одмори.
Вести во Австралија - каде што телекомуникациите беа сериозно погодени - беа исклучени со часови.
Болниците и лекарските ординации имаа проблеми со системите за закажување прегледи, додека банките во Јужна Африка и Нов Зеланд пријавија прекини на нивниот платен систем или веб-страници и апликации.
Прекинот ја погоди и Олимпијадата во Париз, но организаторите на Игрите рекоа дека прекините се ограничени и не влијаеле на издавањето билети или на факелот.
„ДаунДектектор“, кој ги следи нарушувањата на интернет услугите пријавени од корисниците, забележа дека се погодени авиокомпаниите, платформите за плаќање и веб-страниците за онлајн шопинг ширум светот - иако прекинот се чинеше делумен и очигледно беше поврзан со тоа дали компаниите користеле услуги базирани на „Мајкрософт“.
Сајберекспертот Џејмс Бор рече дека ќе биде предизвикана вистинска штета од прекинот бидејќи системите на кои „се потпираме во критичните моменти нема да бидат достапни“.
Болниците, на пример, нема да можат да им дадат нега на оние што им е потребна.
„Ќе има смртни случаи поради ова. Тоа е неизбежно“, рече Бор. „Имаме толку многу системи поврзани со ова“.
Мајкрософт 365 објави на платформата за социјални медиуми Икс дека компанијата „работи на пренасочување на погодениот сообраќај кон алтернативни системи за да го ублажи влијанието“ и дека тие „набљудуваат позитивен тренд во достапноста на услугите“.
Компанијата не одговори на барањето за коментар.
„Карудстрајк“ во соопштение испратено преку имејл рече дека компанијата активно работи со клиенти погодени од дефект пронајден во едно ажурирање на содржината на „Виндоус“.
Во него се вели: „Ова не е безбедносен инцидент или сајбернапад. Проблемот е идентификуван, изолиран и се поправа“.