Сомалија е меѓу земјите најтешко погодени од несигурноста со храната. Околу 113.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови откако екстремните врнежи предизвикаа големи поплави во последните денови.
Поплавите доаѓаат една година откако Сомалија ја претрпе најголемата суша во последните четириесет години.
Сомалискиот претседател беше меѓу делегатите кои присуствуваа на Глобалниот самит за безбедност на храната во Лондон.
Домаќинот, британскиот премиер Риши Сунак, рече дека мобилизирањето на глобалните финансиски институции и партнерства за поттикнување на иновациите ќе ја ублажи несигурноста во храната.
„Да се поттикнат врвните истражувања за оризот да биде отпорен на поплави, пченицата отпорна на болести и многу повеќе. Овие иновации ќе им помогнат на милиони во најсиромашните земји“, рече Сунак.
Британскиот премиер додаде дека климатските промени, конфликтот, последиците од Ковид-19 и руската инвазија на Украина се главните двигатели на моменталната несигурност со доставата на храна.
Но, дали новата технологија може да стави крај на глобалниот глад? Тоа е дел од решението, вели аналитичарот Стив Вигинс од Институтот за развој.
„Сржта на проблемот со глобалната глад е сиромаштијата, маргинализацијата и луѓето кои се во ситуации на голема ранливост. Тоа се основите на гладот и кон тоа треба да се стремиме да ги елиминираме. Техничкиот напредок ги олеснува работите“, вели Вигинс.
Тоа вклучува иновации како наводнување со соларна енергија во Мали, посочува Вигинс и додава: „Ако сакате да наводнувате на вашите ниви, станува сè полесно, без да треба да трошите пари на дизел“.
Критичарите велат дека фокусот на технологијата го игнорира главниот двигател на несигурноста на храната.
„Технолошките решенија имаат тенденција да се фокусираат на понудата, на новата технологија за земјоделството и синџирите на снабдување. Треба да се справиме со нееднаквостите кои што се зад гладта. Можеби, наједноставното нешто што треба да се направи е да им се достави храна или да им се даде пари на луѓето да излезат и сами да купат храна на пазарите“, вели Ник Нисбелт од Британскиот Институт за демократски истражувања.
Додека се одржуваше Самитот, про-палестинските демонстранти ја истакнаа растечката хуманитарна криза во појасот Газа, кој е разурнат од војна.
Обединетите нации предупредија дека резервите на храна и вода опасно се намалуваат бидејќи Израел продолжува да ги ограничува пратките на помош по нападот на милитантите на Хамас на 7 октомври.
Facebook Forum