Линкови за пристапност

Кина економски ќе ги надмине САД до 2030-та...


...но САД ќе останат главен светски лидер, стои во најновиот извештај на американскиот Национален разузнавачки совет.

Според најновата проценка на американското разузнавање, Кина ќе ги надмине САД како водечка економска сила до 2030-та, но САД и натаму ќе останат главен светски лидер.

Извештајот го објави Националниот разузнавачки совет при Канцеларијата на директорот за национално разузнавање.

Според проценката, Азија ќе ја надмине Северна Америка и Европа заедно кога станува збор за бруто-домашниот производ, бројноста на населението, армиските трошоци и технолошките инвестици.

Во извештајот стои и дека ќе дојде до зголемување на средната класа до 2030-та и дека по првпат, мнозинството од светското население нема да живее во сиромаштија.

Американското разунавање очекува поголема побарувачка за ресурсите бидејќи бројот на населението во светот ќе нарасне на 8 милијарди. Во извештајот се наведува дека САД најверојатно ќе бидат енергетски независни, додека Русија, Европа и Јапонија ќе искусат мал економски пад.

Прогнозата за Блискиот Исток е дека и натаму ќе биде најексплозивниот регион и дека идните војни во Азија и на Блискиот Исток би можеле да вклучат нуклеарна компонента, што пак би придонело за потешко сузбивање на конфликтите, односно би довело до глобални последици.

Во извештајот на Националниот совет за разузнавање се вели дека Авганистан, Бурунди, Пакистан, Сомалија и Јемен се соочуваат со зголемен ризик од пропаѓање како држави.

Националниот разузнавачки совет го објавува извештајот на секои четири години и тој претставува анализа на информациите собрани од американската разузнавачка заедница и експертите во САД и светот.
XS
SM
MD
LG