Сашо Мијалков, додека бил шеф на тајната полиција во Владата на Никола Груевски, не пријавил средства и имот, вклучително и недвижнини во вредност од околу два милиона долари, открива најновиот извештај на Глобална иницијатива против транснационалниот организиран криминал, кој, меѓудругото, се фокусира на добро поврзани луѓе од Балканот во Прага.
Извештајот нотира дека неговиот татко, Јордан Мијалков, исто така, бил претставник на југословенската компанија „Макотекс“ во Прага во 1980-тите.
„Само мал дел од информациите за активностите на Јордан Мијалков во Прага можат да се потврдат“, се вели во извештајот.
Според забелешките во извештајот „таквите лица развиле добри контакти во политиката и бизнис заедницата. Фактот што позицијата на клучните луѓе од Балканот вмешани во наркотици, коцкање и недвижнини, останала релативно непроменета во последните неколку децении, сугерира дека овие играчи се чувствуваат удобно во чешкото општество поради своите контакти. И колку поетаблирани стануваат, толку подобри ќе стануваат нивните врски со локалните администрации кога станува збор, на пример, за недвижнини, јавни тендери и градежниот бизнис“.
Извештајот укажува дека една од причините зошто Чешка станала жариште за криминалните групи од Балканот е и коцкањето.
„Од раните 90-ти години, земјата се користи од страна на групи на организиран криминал за перење пари преку објекти и уреди за коцкање. Во моментов има помала потреба да се користат бизнисите со коцкање како начин на перење пари. Ова се должи на подобрената положба на структурите на организиран криминал од Западен Балкан базирани во Чешка, во рамки на глобалните мрежи на организиран криминал.Сега можат да користат меѓународни мрежи за да перат пари наместо да ги чуваат во Чешка. Работењето на криминалните групи во Западна Европа покажува како тие ги искористиле можностите, и успеале да се излактаат во веќе добро воспоставените криминални пазари“, стои во извештајот.
Извештајот ги истражува и криминалните групи од Западен Балкан, кои најчесто склучуваат зделки со хероин во Турција.
„Многу често, етничките Албанци не транспортираат хероин директно во Западна Европа. Наместо тоа, тие го препакуваат и преработуваат хероинот, купен од турските и иранските криминални здруженија, честопати намалувајќи ја чистотата пред да го испорачаат авганистанскиот хероин во Западна Европа. Понекогаш, привремено го чуваат хероинот во разни магацини во земјите од Западен Балкан. На пример, македонското Министерство за внатрешни работи извести за разбивање на криминална организација во февруари 2019 година во партнерство со Управата за сузбивање на дрога на САД (ДЕА). Групата беше систематски вклучена во трговијата со хероин и канабис од Турција кон Северна Македонија“, се вели во извештајот.
Истражувањето открива дека и шверцот со мигранти, исто така, е заблежителна и профитабилна криминална активност.
„На западните граници на Турција, турските шверцерски мрежи соработуваат со арапски, албански, грчки и бугарски мрежи, кои ангажираат професионалци за трговија со луѓе кои се специјализирани за фалсификување на пасоши, транспорт, толкување и регулативата околу миграциите од Молдавија, Ирак, Сирија, Мароко, Албанија, Грција и Македонија за превоз на мигранти и бегалци до зелен појас на европско тло“, се потенцира во извештајот.
Тој заклучува дека не постои единствена врска што ги координира активностите на различните криминални групи од Западен Балкан, кои се активни во странство.
„Во Западен Балкан не постои само една татковина на криминалот, ниту пак еден главен криминален ум од регионот, кој стои зад активностите на различните групи. Сепак, регионот има историја и социоекономски услови, кои создадоа фактори на одбивање кои довеле до извоз на криминална активност“, се вели во заклучокот на истражувањето, кое додава дека и криминалното владеење создава фактори некои поединци и групи, да развиваат мрежи и да перат валкани пари.
Facebook Forum