Директорката на Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека глобалниот трговски систем е во опасност од „распарчување.“
Во говорот во Хонг Конг, Кристин Лагард ги повика државите да не се вртат кон протекционизам. Пораката може да се протолкува како забелешка упатена кон Вашингтон по неодамнешните потези за воведување на поголеми царини за увоз на челик и другите производи. Кина одговори со зголемување на царините на производи направени во САД. Некои експерти предупредија од започнување на циклус на воведување на мерки кои може да ескалираат во започнување трговска војна.
Лагард вели дека трговијата носи повеќе бенефиции отколку негативни ефекти. Таа рече дека отворената глобална трговија помогнала во драстично намалување на бројот на лица кои живеат во екстремна сиромаштија ширум светот. Лагард и други експерти се согласни дека сите губат кога се водат трговски војни, особено 800 милиони луѓе ширум светот кои, како што вели Светската банка, остануваат да живеат во сиромаштија.
Додека коментарите на Лагард укажуваат на критика упатена кон администрацијата на Трамп, таа исто така ги повика државите, каде најверојатно е вклучена и Кина за подобра заштита на интелектуалната сопственост. Многу странски бизниси кои работат во Кина се пожалија дека се под притисок да ги објават технички и бизнис тајни на кинеските партнерски компании, во замена за пристап до огромниот кинески пазар.
Таа, исто така повика на економски реформи, вклучително и на политиката на поддржување на компаниите во државна сопственост.
Facebook Forum