Линкови за пристапност

Внатрешно раселените лица побројни од бегалците


Минатата година во светот над 31 милони лица биле регистрирани како внатрешно раселени

Во 2016-та година поради конфликти, насилства и природни катастрофи внатрешно раселени биле 31.1 милион лица, се вели во денес објавениот извештај на Центарот за мониторинг на внатрешното раселување (ИДМЦ) при Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ).

„Во 2016-та година, секоја секунда едно лице било принудено да го напушти сопствениот дом, во сопствената земја“, вели Јан Егеланд, генерален секретар на НРЦ. „Внатрешно раселените лица сега се побројни од бегалците, во однос од два спрема еден. Внатрешното раселување треба итно да се врати на глобалната агенда,“ додава тој.

Бегалците бараат азил во други земји и им се дава правен статус на бегалец, со кое добиваат одредени права и меѓународна заштита. Внатрешно раселените лица немаат правен статус, бидејќи се уште се под надлежност на своите влади и не може да бараат никакви дополнителни права, освен оние кои ги имаат нивните сограѓани.

Минатогодишните конфликти предизвикаа нови 6,9 милиони внатрешни раселувања, од кои 2,6 милиони се случиле во суб-сахарска Африка, велат од ИДМЦ.

Временските непогоди, поплавите, бурите, пожарите и тешки зимски услови, се одговорни за 24 милиони раселувања.

„И покрај тоа што внатрешното раселување е почетна точка за понатамошната миграција кон други земји, тоа е во сенка поради глобалниот фокус врз бегалците и мигрантите", вели Александра Билак, директорка на ИДМЦ. „Треба да признаеме дека без вистинска помош и заштита, лицето кое денес е внатрешно раселено утре може да стане бегалец, барател на азил или меѓународен мигрант“.

Во извештајот се вели дека минатата година поголем дел од помошта била насочена за прераспоредување на бегалците отколку кон земјите каде што постојат кризи.

Билак вели: „Глобалниот извештај за внатрешно раселување ја рефлектира меѓународната индиферентност, недостатокот на одговорност и неуспех на државите да ги заштитат сопствените граѓани.“

(Ферн Робинсон)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG