Според истражување направено од организацијата „Спасете ги децата“ и Светската банка по повод Меѓународниот ден на девојчето, едно девојче на секои четири секунди, или 20.000 девојчиња помлади од 18 години, секој ден се мажени нелегално во некој дел на светот.
Малолетничките бракови се кршење на човековите права и форма на насилство врз девојчињата, се вели во извештајот:
„Малолетничките бракови се штетна пракса, која секоја година негативно влијае на здравјето, образованието и можностите во животот на милиони девојчиња“.
Девојките - и момчињата - кои се помлади од 18 години не се подготвени за брак, полов однос или репродукција, се вели во извештајот и тие ретко завршуваат средно образование. Но малолетничките бракови често се случуваат меѓу млада девојка и постар маж, без согласност од девојката.
Повеќето земји имаат закони во кои 18 години е минималната законска возраст за девојчињата да се омажат, но владите се`уште не можат да ги спроведат законите за малолетнички бракови, бидејќи се справуваат со културни и религиозни норми. Во многу земји во светот, девојчињата можат да бидат мажени помлади од 18 години, ако нивните родители или судови се согласат.
Тоа е огромен двигател на илегални малолетнички бракови, вели Керолин Мајлс, претседателка и извршна директорка на организацијата Спасете ги децата.
Друг двигател на малолетнички бракови кај девојчињата е ставот на родителите кон нивните ќерки, вели Мајлс за Гласот на Америка.
Родителите ги мажат своите ќерки порано отколку што се подготвени, бидејќи жените се вреднуваат економски помалку од мажите. Родителите вообичаено вложуваат повеќе во образованието на нивните синови, отколку нивните ќерки, со што се затвара кругот на обезвреднување на жените, вели Мајлс.
Во делови од Етиопија, практиката на обрежување на женски гениталии е вообичаена пракса за да се зголемат шансите за брак на девојката.
„Нема да видиме свет каде девојките и момчињата имаат исти можности за успех во животот додека не ги искорениме малолетничките бракови“, вели Мајлс во соопштението за печатот.
Покрај односот на родителите кон ќерките, Мајлс вели дека треба да се работи на промена на генералниот однос на момчињата кон соученичките, како и во самото семејство.
Две третини од момчињата од четврто одделение во делови од Сиера Леоне и Брегот на слонова коска рекле дека веруваат оти момчињата се попаметни од девојчињата, покажува истражувањето. Речиси 40 проценти од момчињата од четврто одделение во САД се согласиле со нив. Половина од родителите на четвртоодделенци во САД рекле дека таткото е глава на семејството.
Малолетничките бракови може да се намалат ако законите се спроведуваат и зајакнуваат. Образованието и економските можности за девојчињата треба да бидат охрабрени од родителите, вели Мајлс.
Во извештајот се наведени бројни поединечни животни приказни на девојчиња присилени на брак кои не биле постари од 12 години.
Искоренувањето на малолетничките бракови до 2030-та година е меѓу целите за одржлив развој на Обединетите нации.
Facebook Forum