Линкови за пристапност

Американски профил: Рут Бадер Гинсбург, судијка во Врховниот суд на САД


Американски профил: Рут Бадер Гинсбург, судијка во Врховниот суд на САД
Американски профил: Рут Бадер Гинсбург, судијка во Врховниот суд на САД

Судијката во Врховниот суд на САД, Рут Бадер Гинсбург е само втора жена во американската историја што служела во највисокиот суд на државата. Таа влегла во правната професија во време кога имало малку жени-адвокати, и ја минала кариерата работејќи на проширување на еднаквоста на жените.

Рут Бадер Гинсбург знаела дека сака да биде адвокат до третата година на колеџ.

Тоа било време на „црвената закана“ во 1950-те, кога Американците се плашеле од Советскиот сојуз. Под водство на сенаторот Џозеф МекКарти, илјадници луѓе, особено од забавувачката индустрија и синдикатите, јавно биле обвинети дека се комунисти. Животи и кариери биле уништени.

„Имаше храбри адвокати кои ги застапуваа тие луѓе, и го потсетуваа Сенатот, погледнете го нашиот Устав, погледнете го првиот амандман, што вели? Вели дека над се` ние го цениме правото да мислиме, да зборуваме, како што би рекле – без Големиот Брат да ни дише во врат. И јас мислев, ако адвокатите се тие што ќе ни помогнат повторно да се поврземе со нашите основни вредности, тоа сакам да бидам“, вели Гинсбург.

Родителите ја обесхрабрувале за тие студии, стравувајќи дека таа нема да биде во состојба да најде работа во професија каде доминираат мажи. Откако дипломирала на Универзитетот Корнел во 1954, била примена на Харвардската школа за право, само пет години откако институцијата почнала да прима жени.

„Кога почнав да студирам право, класот имаше над 500 лица, а само девет од нас беа жени“, вели Гинсбург.

Две години подоцна, сопругот на Гинсбург, Мартин Гинсбург, исто така правник, добил работа во Њујорк и Гинсбург се префрлила на Универзитетот Колумбија, каде дипломирала на право во 1959.

Како што предвиделе нејзините родители, наоѓањето работа за неа не било лесно.

„Ниту една фирма во Њујорк не покажа волја да ме вработи“, вели таа.

Но, со помош на сочувствителен професор, добила работа на службеник.

Кусо време потоа, започнала да предава во Универзитетот Рутгерс и на Школата за право во Колумбија Универзитетот.

Во 1972, Гинсбург основала Проект за права на жените, да работи за еднаквост на жените и девојчињата во сите сфери на животот.

Ленора Лапидус е директорка на Проектот, иницијатива на Американската унија за граѓански слободи.

„Во тоа време имаше многу, многу закони на хартија што даваа предност на мажите само затоа што се мажи“, вели таа.

„Низ 1970-те, кога таа раководеше со Проектот за права на жените, судијката Гинсбург донесуваше еден по друг случај пред Врховниот суд, со цел уставно да се воспостави забрана на полова дискриминација“.

Две децении подоцна, Рут Бадер Гинсбург стана член на тој Суд, именувана од претседателот Бил Клинтон, во 1993. Оттогаш, таа беше актикулиран глас на либералното крило на институцијата.

Според Гинсбург, половите бариери со кои се соочуваат жените денес, во САД се исчезнати. Она што останало, вели таа, е нешто што судот не може да го нареди: американското општество да биде отворено за идејата дека жените и мажите треба да имаат рамнотежа меѓу работата и семејството.

Гинсбург го балансирала нејзиниот сопствен живот како вработена мајка на две деца, со помош на љубовта и поддршката на нејзиниот сопруг Мартин, кој починал минатата година.

„Најважна работа од се` е што имав животен партнер, мојот сопруг, кој мислеше дека мојата работа е барем исто толку важна колку што е неговата, и кој многу сакаше да биде дел од животот на децата додека растеа“, вели Гинсбург.

На 78 години, судијката на Врховниот суд Рут Бадер Гинсбург вели дека секогаш се обидувала да го направи она што верувала дека е исправно:

„Се надевам дека ќе бидам запаметена како некој што го сака правото, ја сака татковината, го сака човештвото, го почитува достоинството на секој поединец и кој работи колку што може со талентот што го поседува за да го направи светот барем малку подобар отколку што бил кога јас влегов во него“.

XS
SM
MD
LG