Портпаролот вели дека Гингрич ќе му ја даде поддршката на Мит Ромни кога ќе ја суспендира својата кампања. Ромни го повика Гингрич во средата, еден ден откако Ромни ги доби прелиминарните избори во пет сојузни држави, за ефективно да ја запечати својата номинација.
Гингрич призна дека Ромни најверојатно ќе биде номиниран за време на кампањско појавување во средата во Северна Каролина.
„Овој човек работеше шест години, стави во погон голема машинерија и направи сериозна кампања. Мислам дека очигледно јас сум подобар кандидат, но објективен фактор е дека гласачите не мислеа така. Јас исто така мислам дека е многу, многу важно, да бидеме обединети. Ниеден конзерватвец, каде било во Америка, не треба да има сомневање за важноста да се победи Барак Обама“.
Гингрич се појави како силен кандидат откако ги доби прелиминарните избори во Јужна Каролина, во јануари. Единствените други прелиминарни избори во кои победи беа во март, во неговата држава Џорџија, а неговата кампања е задолжена над четири милиони долари.
Портпаролот на Гингрич вели дека тој ќе ги фокусира напорите на помагање на републиканците да ја задржат контролата во американскиот Претставнички дом и да ја преземат контролата во Сенатот. Гингрич беше осмислувачот на републиканското преземање на Претставничкиот дом во 1994.
Друг поранешен републикански претседателски кандидат, тексашкиот гувернер Рик Пери, во среда објави дека го поддржува Ромни. Пери се откажа од трката по прелиминарните избори во Јужна Каролина и го поддржа Гингрич за номинацијата.
Во меѓувреме, портпарол на кампањата на претседателот Барак Обама во среда соопшти дека претседателот официјално ќе ја започне кампањата за реизбор следната недела со собири во Вирџинија и Охајо, придружен од неговата сопруга Мишел.