Тунискиот државјанин Анис Амри е застрелан и убиен утрово на железничката станица во Милано, јавија италијански официјални лица.
Италијанскиот министер за внатрешни работи Марко Минити, на денешната прес-конференција рече дека „нема сомневање“ дека се работи за Анис Амри, прво-осомничениот од нападот кој се случи во германскиот Божиќен пазар.
Од полициски извори се дознава дека утрово патрола на италијанската полиција го запрелала 24-годишниот напаѓач во близина на железничката станица Сесто Сан Џовани, во предградие на Милано. Во моментот кога му била побарана лична карта, осумничениот извадил пиштол и пред да биде убиен од страна на полицијата, успеал да рани еден полицаец.
Во нападот од понеделникот, животот го загубија 12, а беа повредени 48 лица. Анис Амри не беше веднаш осомничен за овој напад но набрзо полицијата откри дека токму тој е виновникот. Бил барател на азил, а пред 6 месеци германските власти го одбиле со образложение дека имал проблем со документите.