Пред германскиот Парламент, околу 150 илјади демонстранти формираа, како што го нарекоа „огнениот ѕид“ против десничарскиот екстремизам. Целта на нивниот гнев: партијата Алтернатива за Германија, или АФД.
Меѓу демонстрантите имаше и угледни германски политичари.
„АФД никогаш нема да добие власт во оваа земја. Сите ќе заземеме јасен став против тоа“, рече Саскиа Ескен од Социјалдемократска партија.
Протести низ целата земја се одржуваат секој викенд од средината на јануари, кога веб-страницата „Correctiv“ откри дека политичарите на АФД разговарале за присилното иселување на мигранти надвор од земјата - дури и оние кои имаат германско државјанство - на таен состанок во ноември во Потсдам.
„Неонацистите, донаторите и политичарите на АФД зборуваа многу конкретно за реализацијата на протерувањето на милиони луѓе од Германија. Ова ќе биде реалност со оваа партија, ако дојде до власт“, вели Џанет Гуско, извршна директорка на „Коректив“.
Ако во Германија има нешто што никогаш повеќе не смее да биде дел од општеството, тоа е националистичка и расна идеологија на нациститеОлаф Шолц, Германски канцелар
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги поздрави демонстрациите.
„Ако во Германија има нешто што никогаш повеќе не смее да биде дел од општеството, тоа е националистичка и расна идеологија на нацистите. Одбивните планови за релокација од овие екстремисти се токму тоа“, истакна Шолц.
Ко-лидерката на АФД, Алис Вајдел, обвинувањата ги нарече левичарска кампања.
„Вистинските непријатели на Уставот се оние кои повикуваат на забрана на партиите“, рече Вајдел.
Болната историја на Германија под Адолф Хитлер и нацистите ја прави земјата акутно чувствителна на десничарскиот екстремизам.
Сè погласни се повиците за забрана на АФД.
„Присилното префрлање на луѓе на други места звучи многу познато во германски контекст. Германија не може да дозволи вакви размислувања. Во овој случај, членот 21 од Уставот, вели дека сè што ќе го поткопа или оспори германскиот демократски поредок е против-уставно! Потоа, следи процес со кој МВР ќе упати барање за забрана на партијата до Врховниот суд“, посочува Мат Квортруп, професор од Универзитетот Ковентри.
Тоа би бил многу контроверзен чекор против АФД, партија која е на второ место, со околу 20 отсто поддршка.
Со оглед на тоа што европските и германските државни избори се закажани кон крајот на оваа година, политичката температура расте.