Линкови за пристапност

Хајндл: Времето е кратко


Потребен е заеднички напор од сите политички партии да се спроведат реформите и да се продолжи по патот, изјави германскиот посредник

Германскиот специјален претставник Јоханес Хајндл, при денешната посета во Скопје, порача сите политички партии да вложат напор да ги спроведат потребните реформи оти времето е кратко.

„Дојдов да се запознаам со ситуацијата и првенствено и да слушам. Станува збор за тоа процесот што е инициран од ЕУ и од САД да вроди со успех. Мојата задача ја гледам во активната поддршка на овие напори“, се вели во писмената изјава на Хајндл, која ја пренесе германската амбасада во Скопје.

Хајндл нагласува оти развојот на настаните во последниот период повторно укажува на потребата да се реагира.

„ Сега е потребен заеднички напор од сите политички партии за да се спроведат потребните реформи и решително да се продолжи по патот“, стои во писмената изјава на Хајндл.

Тој денес се среќава со лидерите на сите политички партии, министерот за надворешни работи Никола Попоски, како и со амбасадорите на САД и на ЕУ Џес Бејли и Аиво Орав.

Хајндл во Македонија ќе треба да работи на одлуката за помилување на претседателот Ѓорге Иванов, како и за датумот за одржување на предвремените избори.

Според информациите, кои деновиве се појавија во медиумите, Хајдл ќе се консултира за решавање на политичката криза со претставници од повеќе земји, за што планирани се посети и во Атина, Хаг и во Вашингтон.

XS
SM
MD
LG