Линкови за пристапност

ЏМ и владината агенција за безбедност во сообраќајот на жежок оган


Извршната директорка на Џенерал моторс Мери Бера
Извршната директорка на Џенерал моторс Мери Бера

На конгресен распит објаснуваат зошто 10 години молчеа за дефект во прекинувач на возилата што однесе најмалку 13 животи.

Најголемиот американски производител на автомобили и владината агенција задолжена за безбедност во сообраќајот денес треба да одговорат на прашањето зошто молчеа 10 години за дефект во прекинувач за палење/гасење на возилата поради што најмалку 13 лица го загубија животот во сообраќајни несреќи.

Мери Бера, извршната директорка на Џенерал моторс (ЏМ) и Дејвид Фридман, директорот на Националната управа за безбедност во сообраќајот на патиштата, сведочат на конгресен распит. Конгресно тело врши истрага за неколку модели на ЏМ од 2005-та до 2010-та. Во овие модели, фаличниот систем за палење и гасење на возилото се исклучувал додека тоа е во движење, онеспособувајќи ги електричните системи и спречувајќи активација на заштитните перничиња при судар.

Во однапред подготвената изјава, Бера наведува: „Не можам да ви кажам зошто беа потребни толку години за да биде објавено дека постои дефект“. Но, таа вети дека компанијата ќе открие што се случило и дека ќе биде целосно транспарентна во однос на таквите информации. Податоците на ЏМ, доставени за владата во врска со дефектот, покажуваат дека компанијата знаела за проблемот уште во 2001-ва.

Фридман, пак, во својата изјава наведува дека ЏМ имала сознанија за дефектот, но дека не ја известила владата се` до минатиот месец. Па сепак, возачите уште во 2005-та започнаа да се жалат до Управата на проблеми со системот за палење/гасење на возилата, и владината агенција имаше информации за барем една фатална несреќа поврзана со проблемот. Но, владините истражители утврдија дека не постои некаков тренд.

ЏМ, вториот најголем производител на автомобили во светот, сега повлече 2,6 милиони возила поради дефектниот прекинувач и уште 3,7 други возила од февруари - наваму поради други безбедносни проблеми.

Роднините на загинатите во несреќите поврзани со дефектот на прес-конференција пред Конгресот ги осудија ЏМ и владата дека ги игнорирале поплаките. Лора Кришчан, чиј син загинал во таква несреќа, рече дека ЏМ го ставил профитот пред безбедноста како и дека „извршните директори одлучиле дека оспорувањето на проблемот било поевтино и полесно отколку неговото решавање“.
XS
SM
MD
LG