„Горди сме што може да ја нарекуваме Македонија наш партнер, сојузник и пријател и со нетрпение очекуваме да ја видиме како го исполнува својот целосен потенцијал на силна, енергична и просперитертна демократија, целосно интегрирана во евроатлантската заедница“, истакнал американскиот генерал Вилијам Фрејзер, по средбата во Министерството за одбрана на Македонија меѓу делегацијата на Министерството и на Генералштабот на АРМ, предводена од министерот за одбрана Зоран Јолевски, и делегацијата на виши армиски претставници од САД.
„САД се искрен поддржувач на Република Македонија уште од осамостојувањето на државата. Горди сме на нашето долгогодишно партнерство со Република Македонија и ќе останеме посветени на идна соработка на регионално и глобално ниво“, рекол генералот Фрејзер.
Според домаќинот Јолевски, „Република Македонија треба што поскоро да добие покана за членство во НАТО бидејќи тоа го заслужува со реформите од областа на одбраната“. Според македонскиот министер за одбрана, членството на Македонија во НАТО „ќе придонесе да се зајакне стабилноста не само во Република Македонија, туку и во регионот и во Европа во целина. Членството на Република Македонија во НАТО е одлична прилика НАТО да покаже дека се проширува и дека се зајакнува. Статус-кво ситуацијата со поканата на Македонија не е решение“.
Посетата на американската армиска делегација е дел од програмата КАПСТОН чијашто цел е новопромовираните генерали на армиските сили на САД изворно да се запознаат со организацијата и структурата на одбраната, политичкиот систем и институциите на државите коишто ги посетуваат.