Кен Пакстон, главниот правобранител на сојузната држава Тексас вели дека службениците и судиите не мора да издаваат дозволи за истополови бракови или да ги венчаваат овие парови доколку тоа е спротивно на нивните верски убедувања. Ваквата реакција уследи по минатонеделната одлука на Врховниот суд којашто го уважи правото на истополвите двојки да можат да склучат брак насекаде во САД.
Во писмо до заменик-гувернерот на Тексас Ден Патрик, Пакстон истакнува дека одлуката на Врховниот суд не значи и поништување на уставното право на верска слобода.
„Ова новоизготвено федерално уставно право на истополови бракови може и би требало мирољубиво да коегзистира со долготрајните уставни и утврдени права, како што е правото на слободно искажување на верските убедувања и слободата на говорот“, наведува Пакстон во писмото.
Тој додава дека службениците задолжени за издавање на дозволи за склучување брак можат да им ја препуштат задачата на нивните помошници, намесо да бидат принудени да ги прекршуваат сопствените верски убедувања. Пакстон вели дека и судиите не треба да бидат принудени да вршат истополови венчавки затоа што постојат други, како свештеници, рабини и други официјални лица на кои им е законски дозволено да раководат со церемонијата.