Линкови за пристапност

Гаши: „Да нè обедини патриотизмот и заедничката цел за подобра иднина“


„Мозаикот на култури, јазици и традиции што ја сочинуваат Северна Македонија не е само доказ за нашето богато наследство, туку основа за нашата иднина. Ние мора да се здружиме, надминувајќи ги етничките и културните граници. Нашето единство е нашето најголемо богатство “ рече Гаши

СКОПЈЕ – Илинден ни припаѓа на сите и н обединува, порача претседателот на Собранието Африм Гаши во своето обраќање во рамиите на прославата на државниот празник Илинден. Северна Македонија е мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава и тие различности се темелот врз кој се развива и напредува државата.

„Нашата сила како општество се состои од нашата различност. Мозаикот на култури, јазици и традиции што ја сочинуваат Северна Македонија не е само доказ за нашето богато наследство, туку основа за нашата иднина. Во овие предизвикувачки времиња ние мора да се здружиме, надминувајќи ги етничките и културните граници. Нашето единство е нашето најголемо богатство и токму преку ова единство ќе постигнеме величина“, рече Гаши од говорницата.

Тој нагласи дека Крушевскиот Манифест од 1903 година е обединувачкиот документ за сите кои и сакале добро на нашата земја а заложбата на Илинденците, видоизменета, трае и денес.

„ Во 1903 година во Крушево се формира првата република во овој дел од Европа. А визијата на Илинденците е отелотворена реалност веќе повеќе од 30 години. Во овие 30 години научивме дека минатото се памети, а се работи за иднината. Секоја деценија од постоењето на Република Северна Македонија носеше свои предизвици. Уште од првиот ден на независноста се определивме за нашиот евроатлантски пат, кој беше предизвик и не беше ни малку лесен. Еден дел од него изодевме, понесувајќи огромен товар, правејќи компромиси во име на успесите за нашата држава“, изјави Гаши.

Претседателот на законодавниот дом порача дека граѓаните мора да се обединат околу патриотизмот и заедничката желба за подобра држава.

„ Патриотизмот е многу повеќе од парола, многу повеќе од изјава за медиуми или говорница. Патриотизмот е искрена посветеност кон нашата земја и нашите граѓани. Патриотизмот е влог во државата преку чесна работа, добри одлуки, себе - вложување за доброто денес и уште подобро утре“, изјави спикерот Гаши.

Во своето обраќање кажа дека е привилегијата да се живее во просперитетна и стабилна држава, што не е право кое ни следува само по себе, туку треба сериозно и посветено да се имплементираат реформи во сите сфери на општеството и гранките на државно управување.

„Темел на тие реформи е враќањето на суштинските вредности, како семејните вредности, меѓусебното почитување и соживотот. Само со здрави темели може да се изгради здрава и напредна држава. Да чиниме се што чинеа великаните кои ја создадоа државата во која живееме денес, како Методија Андонов Ченто и Неџат Аголи. Да оставиме белег на кој што ќе се гордеат нашите предци и пример доследен за поколенијата“, рече Гаши.

XS
SM
MD
LG