Линкови за пристапност

Гарантирани цени за граѓаните уште утре, Владата нема да ја продолжи мерката


Се чека на Законот за забрана на нефер трговски практики кој е во Собраниска процедура, а кој според Владата ќе ги заштити граѓаните од нови ценовни шокови какви што имаше во неколку наврати во последните две години. Нема да се продолжат ниту мерките за намалена царина за увоз на овошје и зеленчук

СКОПЈЕ – Ознаките „гарантираната цена“ кои стојат на рафтовите покрај продуктите во маркетите ќе може да ги видиме до петок. Владината мерка истекува на последниот ден од месецот, 29 февруари и од министерството за економија и Владата најавија дека нема да се продолжи. Надлежните велат дека ќе се чека на усвојување на Законот за забрана на нефер трговски практики кој е во собраниска процедура откако беше усвоен од Владата уште во декември минатата година.

Дали законот ќе ги мине сите собраниски филтри до крајот на неделава не може да се предвиди па останува да се види дали уште во четврток ќе има нов ценовен шок за граѓаните во маркетите, продавниците но и на пазарите.

Од министерството за економија за Гласот на Америка сметаат дека со носењето на Законот ќе се стави ред и ќе има и намалување на цените.

„Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи уште на крајот на минатата година на предлог на Министерството за економија беше усвоен од Владата и доставен до Собранието. Законското решение со кое се става ред во нелојалната конкуренција во трговијата и се воведуваат фер практики помеѓу трговците и добавувачите во синџирот со земјоделски и прехранбени производи се очекува оваа недела да влезе во второ читање во комисиите во Собранието. Очекуваме ова законско решение кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаме да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехранбени и земјоделски производи“, стои во одговорот на министерството за економија.

Законот за забрана на нефер трговски практики е кај Комисијата за европски прашања чиј претседател е Арбр Адеми од ДУИ исто како и министерот за економија Крешник Бектеши. Од она што може да се види на сајтот на Собранието за неделава нема закажано седница на Комисијата.

Законот за забрана на нефер трговски практики предвидува ограничување на рабат со 10 отсто, казни од илјада до 20 илјади евра како и рок за имплементација од најмногу шест месеци.

Мерката „гарантирана цена“ која ја воведе Владата во втората половина на септември минатата година како замена за замрзнување на цените опфаќаше дваесетина категории продукти како ориз, пченично брашно тип 400 и 500, бел и полубел леб и други пекарски производи, бисквити, тестенини, јунешко, свинско и пилешко месо, неколку сувомесни производи, млеко, кисело млеко и јогурт, кравјо и мешано сирење и кашкавал. Гарантирани цени подоцна се воведоа и на пивото, газирани сокови и негазирани сокови и минерална и обична вода.

Утре истекува и владината мерка со која царината се ограничува на 10 отсто за увоз на кромид, праз, карфиол и брокула, салата, моркови, модар патлиџан, тиквички свежи домати краставици и пиперки што дополнително може да ги зголеми цените на пазарите и маркетите.

XS
SM
MD
LG