Северна Македонија и Албанија имаат преземено огромни политички чекори, некои од нив многу тешки, и заслужуваат да ги почнат меѓувладините конференции што е можно побрзо, се надевам оваа година, изјави заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Габриел Ескобар, за време на телефонски брифинг со новинарите во Брисел.
„САД се убедени дека Албанија и Северна Македонија имаат направено некои многу важни реформи. Тие ја придвижија нивната кандидатура неизмерно“, рече тој.
На прашањето дали САД ќе испратат порака до бугарските власти за ветото за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, и што ќе направат за да го деблокираат процесот, Ескобар додаде:
„Се надеваме дека сите земји-членки на ЕУ ја разбираат стратешката важност да им се дозволи да го почнат процесот, и се надеваме дека Европската Унија, и како индивудуални земји-членки и како организација, ја разбира стратешката вредност на Балканот и неговата интеграција во Европа“.
Тој нагласи и дека борбата против криминалот и корупцијата е проблем низ целиот Балкан, и оти САД ги поддржуваат сите влади, официјални лица и институции кои имаат ваква заложба.
Одговарајќи на прашањето дали ЕУ им го свртела грбот на државите од Западниот Балкан, како и дали се губи европската перспектива во регионот, Ескобар рече:
„Ги охрабрувам моите европски партнери да испратат посилна порака дека Западниот Балкан е сакан и потребен во Европската Унија, и ќе продолжам да ја испраќам таа порака“, изјави тој.
Ескобар рече дека „со партнерството што го имаме со Европската Унија, мислам дека можеме да направиме огромни чекори во помагањето на Балканот да го надмине многу тешкиот период во 90 -тите години и се надевам, на крајот, да стане повеќе интегрирана со Европската Унија“.
Facebook Forum