Линкови за пристапност

Преиспитување на глобалниот растеж на Г20 во Сиднеј


На министерскиот состанок на групацијата што започнува во сабота фокус ќе биде економската одржливост со намалувањето на стимулацијата во САД

Одлуката на Федералните резерви на САД за намалување на политиката позната како „квантитативно намалување“ – или печатење на пари за стимулирање на економијата – ќе биде тема на дводневната конференција во Сиднеј што започнува во сабота.

Таа ги носи на едно место министрите за финансии и гувернери на држави од групата Г20, иако министрите од Јужна Африка, Бразил, Италија, Мексико и претседателот на Светската банка нема да присуствуваат.

Привршувањето на стимулативната програма во САД покажа дека инвеститорите ги напуштаат пазарите во подем, како Индија и Индонезија, и ги враќаат парите назад во САД.

Има голема дебата за тоа дали последната нестабилност на пазарите во подем била резултат на одлуката на Федералните резерви.

Раководителката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристина Лагард, вели дека домашната политика во земјите во развој треба да биде силна да ги заштити нивните економии.

Домаќинот на средбата на Г20 сака да се постигне договор за целта на глобалниот развој.

Ова може да биде друга област на несогласување. Германските претставници наводно не се среќни со поставување обврзувачки цели за растеж, инсистирајќи дека тоа би бил старомоден начин за управување со глобалната економија.

Но, австралискиот министер за финансии Џо Хоки тврди дека финансиските пазари на економиите на Г20 сакаат извесност од владите додека се конфронтирани со натамошна нестабилност.

На сиднејската средба ќе се дискутира и за начините за борба против избегнувањето на оданочувањето и како во приватниот сектор да се даде инфузија од пари во инфраструктурни проекти.

Г20 има 85 проценти од глобалното производство и две третини од светското население. Има за цел да ја победи економската неизвесност, да поддржи развој и да креира работни места.

Самитот на шефови на држави на Г20 ќе се одржи во австралискиот град Брисбан во ноември.
XS
SM
MD
LG