Линкови за пристапност

Средби на Обама со Меркел и Путин


Тема на самитот на Г20 во Мексико останува европската криза, како и насилството во Сирија

Светските лидери се собраа во понеделник во мексиканското крајбрежно одмаралиште Лос Кабос, со европската должничка криза и насилството што се продлабочува во Сирија на врв на агендата на дводневниот самит.

На маргините на самитот, американскиот претседател Барак Обама требаше да се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел во нов напор да побара посилна европска акција за решавање на должничката криза на владите во 17-члениот блок држави со единствена валута. Иако грчките лидери направија потег за формирање нова коалиција по парламентарните избори во неделата, се појавија нови грижи за зголемените трошоци на позајмување на Шпанија.

Американскиот лидер исто така имаше планирано лице-в-лице средба со рускиот претседател Владимир Пурин, со разговори фокусирани на се` полошото крвопролевање во Сирија и руската поддршка за режимот на претседателот Башар ал-Асад.

Обама и Путин имаа затегнати односи во последно време, и американскиот лидер одлагаше да му честита на рускиот колега, како што е вообичаено, за функцијата, по мајските избори. Подоцна минатиот месец, Путин реши да не присуствува на средбата на Групата Осум, чиј домаќин беше Обама, во одмаралиште близу Вашингтон.

Пред средбата на самитот, американскиот заменик советник за национална безбедност Бен Роудс кажа дека очекува Обама и Путин да „ја одржат соработката во некои области“, додека несогласувањето ќе остане во други. Но тој вети дека САД ќе „работат во обид да ги надминат тие разлики“.

Домаќинот на Г20, мексиканскиот претседател Фелипе Калдерон, кажа дека светските лидери треба да ги зацврстат ветувањата за 430 милијарди долари за новата сметка за ММФ креирана во април како фонд за спасување на еврозоната, за земјите со големи долгови. Некои држави се` уште целосно не се определиле за ставање пари во овој фонд.

Последните собири на Г20 беа конзумирани со детали од европската финансиска криза, среде стравувањата дека економскиот колапс на континентот може брзо да се рашири низ светот.

Но, претставниците на некои невладини агенции исто така вршат притисок врз шефовите на држави да не заборават на сиромашните во неиндустријализираните држави, каде живеат најголем дел од луѓето на кои најмногу им треба помош.
XS
SM
MD
LG