Линкови за пристапност

Обама: Нема да има копнени трупи за борба против Исламската држава


„Јас нема да преземам чисто политичка акција, за Америка да изгледа силна...Стратегијата која ја употребуваме е вистинската“, изјави Обама.

Американскиот претседател Барал Обама рече дека нападите на Париз биле „ужасен удар“ во борбата против Исламската држава, но, нагласи дека би било погрешно да се испратат американски копнени сили во Блискиот исток да се борат против милитантите.

Обраќајќи се на крајот на самитот на Г-20 во Турција, Обама ја бранеше американската воздушна кампања во Ирак и Сирија за поддршка на локалните борци во долгогодишниот конфликт со Исламската држава, која ја нарече „лице на злото“.

Обама рече дека САД хипотетички можат да испратат 50.000 копнени трупи во Сирија за да ги совладаат бунтовниците на Исламската држава. Но, оваа стратегија не може да биде крајно решение затоа што Сирија не е под окупација на САД, а и терористички закани има на други места во Блискиот исток и југоисточна Азија.

Тој се противеше на употребата на копнени трупи во минатото, и ги одби повикувањата за ангажирања на нови трупи, од страна на републиканските претседателски кандидати, по нападите во Париз, кои би се бореле против Исламската држава.

„Јас нема да преземам чисто политичка акција, за Америка да изгледа силна, или да изгледа дека јас сум силен. Стратегијата која ја употребуваме е вистинската“, изјави Обама.

Обама исто така рече дека не ги потценува заканите од Исламската држава за терористички напади врз САД или било каде, велејќи: „Ако имате само неколкумина кои се спремни да умрат, тие можат да убијат многу луѓе“.

Бегалци

Обама изјави дека САД нема да се откаже од планот да прими голем број на бегалци во земјата, и покрај тоа што европските власти рекоа дека еден од напаѓачите на Париз влегол како дел од бранот бегалци кои дошле во Европа за да избегаат од четиригодишната цивилна војна во Сирија. Но, Обама вели дека бегалците ќе можат да влезат во САД откако ќе бидат изложени на „ригорозна селекција и ќе добијат дозвола за пристап“.

Американскиот лидер ги одби повикувањата од некои негови американски политички опоненти дека само христијани, но не и муслимани од Сириј,а ќе можат да влезат во Америка како мигранти. Овој став тој го нарече „срамен и неамерикански“ и додаде дека во САД не треба да се поттикнува омразата“.

Обама рече дека САД често собира доверливи информации кои сугерираат на можни терористички напади во странство, но дека за нападите во Париз, САД немале информација која би можеле или требало да ја споделат со Франција.

Зголемување на соработката

Светските лидери за време на самитот во Турција ветија дека ќе го зајакнат споделувањето доверливи информации помеѓу државите, ќе ги засилат контролите на границите и ќе се обидат да ја прекинат финансиската поддршка на терористите. Обама рече дека САД и Франција имаат нов договор за споделување на собраните информации.

Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека светските лидери „се согласиле дека овој предизвик не може да биде совладан само со воена сила, туку само со мноштво мерки.“

Британскиот премиер Дејвид Камерон ги најави плановите за одржување на добротворна конференција, на почеток на следната година за да се започне со „значајна нова финансиска поддршка“ за справување со големиот прилив на мигранти од Сирија во Европа, што е најголема миграција на Европскиот континент од Втората светска војна.

„Следната итна потреба е да се изнајде политичко решение што ќе донесе мир во Сирија и ќе им овозможи на милионите бегалци да се вратат дома“, рече Камерон.

Рускиот претседател Владмир Путин ја искажа потребата за заедничка акција во „борбата со ова зло, нешто што требаше да биде направено многу одамна“.

Од канцеларијата на Камерон се вели дека Путин му рекол на британскиот лидер за време на состанок на маргините на самитот, дека Москва е спремна да направи повеќе во борбата против милитантите на Исламската држава.

„Напад врз цивилизираниот свет“

Обама се сретна со неколку шефови на држави за време на самитот во Турција. Терористичкиот напад на Париз, минатиот петок го нарече „напад врз цивилизираниот свет.“

Овој состанок на светските лидери имаше за цел да се фокусира на економијата, енергијата и климатските промени, но, терористичкиот напад во Париз ја засени зацртаната агенда. Но, лидерите на државите присутни ветија дека ќе превземат соодветни мерки за време на следната конференција за климатски промени, организирана од Обединетите нации, која ќе се одржи во Париз, да се лимитира глобалното затоплување на помалку од два степени целзиусови.

Обама се сретна со Камерон, Меркел, италијанскиот премиер Матео Рензи и францускиот министер за надворешни работи Лорент Фабиус. Францускиот претседател Франсоа Оланд требаше да биде присутен на состанокот, но остана во Франција поради терористичкиот напад што се случи таму.

Обама вети дека САД ќе ѝ помогнат на Франција во „фаќање на извршителите“ и рече дека планира да ги удвои напорите за елиминирање на групата Исламска држава.

XS
SM
MD
LG