Линкови за пристапност

Кина покажува сила додека Г20 се подготвува за Франција


Кина покажува сила додека Г20 се подготвува за Франција
Кина покажува сила додека Г20 се подготвува за Франција

Лидерите на Групата 20 индустријализирани нации ќе се се сретнат во Франција подоцна неделава – додека заканата од уште една економска криза се` уште се заканува на светската економија. Самитот доаѓа само неколку дена откако европските држави одржаа вонредна средба во обид да ја спасат европската валута, еврото.

Кан е најдобро познат како место за забава на милијардери.

Оваа недела на дневен ред се мерки за штедење, додека лидерите на Г20 овде се собираат да дискутираат за темните сенки што се надвиснуваат над светската економија.

Дванаесет илјади француски полицајци засилени со тимови на специјални сили и хеликоптери се подготвени да ги чуваат учесниците на самитот одвоени од протестантите.

Со се` уште нерешената евро-должничка криза, може да има многу конфликт во рамки на самитот, вели Стефани Рикард од Лондонската школа за економија.

„Ова е можност за партнерите во Г20 да стават на вага како се чувствуваат во врска со должничкиот договор во еврозоната. Мислам дека зад затворени врати ќе има многу искрени и тешки дискусии во врска со детали на програмата. Од каде доаѓаат парите? Како тоа ќе функционира? Дали тоа ќе ја задржи кризата во рамки на еврозоната? Јавно, тие ќе бидат многу внимателни и ќе се обидат да бидат оптимисти, за да не го потопат договорот од еврозоната“, вели Рикард.

Европските лидери минатата недела се договорија да се обидат да ја запрат должничката криза од ширење. Централно во планот е засилување на фондот за економска помош на ЕУ.

Европа сега гледа на исток кон земји како Кина за помош. Се` уште не е сигурно дали тие ќе прифатат да ја спасуваат Европа, вели Тобијас Блатнер од Daiwa Capital Markets.

„На самитот на Г20 сите ќе гледаат дали ќе излезат некои реални цифри и определба од овие земји, дека тие навистина ќе дадат пари да ја поддржат евро областа. И тоа е следниот настан на кој ќе внимаваат пазарите“.

Претседателот Ху Џинтао пристигна во Австрија во понеделникот пред да се упати кон Кан. Кинеската валута долго беше коска на раздор на самитите на Г20.

Европа и САД го обвинуваат Пекинг дека го држи јуанот вештачки низок за да му помогне на извозот.

„Кина е во многу интересна ситуација“, вели Рикард од Школата за економија во Лондон. Кина потенцијално има некоја моќ, вели таа, зашто тие ќе обезбедат ресурси за спасување на економиите на еврозоната, но за возврат ќе бараат некое попуштање во однос на нивната валута и потенцијално повеќе моќ на меѓународната преговарачка маса.

По вечерната еуфорија на евро средбата минатата недела, инвеститорите сега чекаат од Г20 детали за тоа кој ќе плати што.

Ако тоа не се случи, аналитичарите предупредуваат дека светлиот зрак што се појави од Брисел брзо ќе згасне на француската ривиера.

XS
SM
MD
LG