Линкови за пристапност

Американците се определуваат за поевтини закопи


Американците се определуваат за поевтини закопи
Американците се определуваат за поевтини закопи

Со години, американската погребна индустрија се сметаше за отпорна на рецесија. Но денеска, дури и ужалените внимаваат на цената. Многу семејства не прават традиционални закопи и се определуваат за поевтини кремации.

Лиса Александропулос се шегува дека најголем дел од нејзните пријатели се погребни директори. Таа има компанија што продава гранитни споменици во Портсмаут, Њу Хемпшир. Нејзиниот сопруг инсталира погребни крипти – цементирани контејнери каде се спушта ковчегот.

„Кремирањето е зголемено за околу 60 проценти. Тој правеше околу 30 погреби на месец, а сега околу 7-8. Тоа многу се одразува на нас.“

Стапката на кремирање е во пораст со години. Во некои делови на државата, дури 70 проценти од Американците се решаваат за тоа наместо за традиционален закоп. Александропулос вели дека кремацијата е уште попопуларна со настапување на економската криза.

„Може да имате директна кремација за 995 долари, додека целосен закоп во просек чини околу 8.500. Огромна е разликата што се однесува до цената.“

Тие цени варираат во голема мерка, зависно од местото и услугите. Ренди Гарнер, портпарол на Асоцијацијата на вермонтски погребни директори, вели дека во малата рурална држава Вермонт целосен закоп и екстра погребни трошоци може да бидат околу седум илјади долари – што е повеќе од едномесечни примања за едно американско семејство од средната класа.

„Би рекол дека за целосен закоп со ковчег ќе потрошите 35 до 40 проценти повеќе отколку ако се решите за кремирање.“

Гарнер вели дека погребните директори во Вермонт почувствувале опаѓање на приходите за десет до 15 проценти. Луѓето помалку бараат гранитни плочи какви што изработува Лиса Александропулос. А тоа се одразува на американската индустрија за гранит и мермер.

Гранитната фабрика во Вермонт вработува 61 лице и минатата година имаше продажба од околу 12 милиони долари. Претседателот на компанијата Џеф Мартел вели дека тоа е намалување во однос на претходната година.

Покрај помалата побарувачка, гранитните производители се соочуваат со зголемена конкуренција од Кина.

Мартел вели дека не очекува подобрување во погребната индустрија во блиска иднина. Американците, вели тој, станале многу помобилни да бидат врзани за едно место – во животот, и во смртта.

„Традиционалното семејство има дедо во местото на живеење, но сега веќе децата не остануваат таму и не е толкав приоритет да се посетуваат гробишта.“

Александропулос се согласува.

„Мислам дека погребниот бизнис никогаш нема да биде како што беше. Никој не сака да троши за таква работа. Затоа мора нешто ново да смислиме.“

А тоа значи адаптација кон новата генерација и новите идеи за испраќање на починатите.

XS
SM
MD
LG