Линкови за пристапност

Претседателот се оградува од написот на Никовски


Претседателот се оградува од написот на Никовски
Претседателот се оградува од написот на Никовски

Американската амбасада во Скопје во вторник реагираше на написот на советникот на претседателот на Македонија, амбасадорот Ристо Никовски, каде тој ја повика Владата да не биде „сервилна“ и „ да не дозволува дипломати како Фуере и Рикер да не` газат и плукаат“.

„Фуере не ја заслужи нашата почит. Напротив. Од аспект на нашите интереси, неговиот учинок е во добра мера негативен. Неспорен факт е дека Фуере направи повеќе чекори за кои требаше да биде дури и протеран од земјава“, пишува Никовски во текстот на кој регаираше Амбасадата на САД во Скопје.

Амбасадорот Филип Рикер реагираше со забелешката дека лични напади станале секојдневие во Македонија. „Сите коментари за САД и за амбасадорот ние ги препративме до Стејт департментот и до канцеларијата на потпретседателот. Љубопитни сме да видиме каква реакција кај владата или кај некој друг ќе предизвика овој последен напад“,се вели во соопштението на американската амбасада.

Од Кабинетот на Ѓорге Иванов се оградуваат од настапот на Никовски, велејќи дека неговата позиција како член на Советот не му дозволува да зборува во името на претседателот, кој, како што се вели во одговорот од Кабинетот, „апсолутно не се согласува со ставовите изнесени во колумната“.

Професорот по меѓународно право и поранешен минстер за надворешни работи Денко Малевски оценува дека ваквите написи не се случајни и дека Македонија и нејзините интереси во иднина би можеле да бидат игнорирани од САД и ЕУ, што би ја довело државата во многу сложена позиција.

Пишувањата на Никовски, во кои тој го поставува прашањето на целисходноста на пријателството со Америка, која според него е главен поборник за обезличување на националниот идентитет и клучен фактор за блокадата во НАТО, доаѓаат по новите критики на амбасадорот Рикер дека посетата на Груевски на Вашингтон не ги донела очекуваните резултати и дека администрацијата е позагрижена сега отколку пред средбите на 16-ти февруари.

Со остри критики и напади на сметка на амбасадорите Фуере и Рикер минатата недела истапија во писмо упатено до Европскит парлемент и неколкумина новинари и колумнисти, познати во јавноста како блиски до владеачката структура.

На нивното писмо денска регираше и известувачот на ЕП за Македонија, Зоран Талер.

„Вашето писмо отвора многу прашања“, пишува Талер во реакцијата. „Легитимно е да се запрашаме зошто една група независни новинари би имала потреба да испраќа писмо со толку политизирана и идеолошка содржина до пратениците во ЕП. Новинарите и уредниците имаат задача да се осигураат дека новинарските професионални стандарди се почитуваат. Во писмото во кое петтемина странците ги нарекуваат непријатели на Македонија потсеќа на некои други времиња“, вели Талер.

Тој продолжува дека „во минатото некои режими биле многу инвентивни во постојаното измислување внатрешни и надворешни непријатели на државата, но дека успешните демократии се способни да разговараат за проблемите, додека авторитарните режими имаат постојана потреба да ги истакнуваат своите таканаречени успеси“, завршува Талер додавајќи дека се надевал оти Македонија нема да тргне по тој пат.

XS
SM
MD
LG