Линкови за пристапност

Македонија на 122-рото место...


Мапа од најновиот извештај на Фридом Хаус: земјите со целосна слобода на медиумите се обоени во зелено, со делумна слобода - во жолто, и оние каде не постои слобода - во сино.
Мапа од најновиот извештај на Фридом Хаус: земјите со целосна слобода на медиумите се обоени во зелено, со делумна слобода - во жолто, и оние каде не постои слобода - во сино.

...од 197 држави во најновиот извештај на Фридом хаус за слободата на медиумите.

Во најновиот Извештај за слободата на медиумите на организацијата Фридом хаус, Македонија е на 122-ро место од 197 држави и територии, со 57 поени, рангирана во категоријата на земји каде постои делумна слобода (31 до 60 поени). Другите две категории се земји каде владее слобода на медиумите (1 до 30 поени) и земји каде таа не постои (61 до 100 поени).

Во минатогодишниот извештај, Македонија беше на 120-то место, со 56 поени. Таа е меѓу земјите со најголем пад во светот во периодот 2009 - 2013-та, со 11 загубени поени, исто како и Турција. Најмногу поени во истиот период загубила Грција - 17.

Освен Словенија, која е рангирана како земја со слобода на медиумите, сите земји во регионот се со делумна слобода: Србија е 74-та (37 поени), Бугарија и Црна Гора го делат 78-мото место (39), Хрватска е 83-та (40), Грција е 92-ра (46), Албанија и Косово го делат 98-мото (49), а Босна и Херцеговина 103-та (50).

Слободата на медиумите глобално опаднала на најниско ниво последниве десетина години, истакнува Фридом Хаус, наведувајќи ги назадувањата во Египет, Либија, Јордан што ги разбиле надежите по Арапската пролет, потоа влошувањата во Турција, Украина и редица земји во источна Африка. Организацијата наведува дека уште еден клучен фактор е влошувањето на медиумските слободи во САД, првенствено како резултат на владините обиди да го инхибира известувањето за прашања од националната безбедност.

САД се наоѓаат 30-тото место со 21 поен, во категоријата слободни земји.

На првите три места по слободата на медиумите се Холандија, Норвешка и Шведска. На самото дно се Туркменистан, Узбекистан и Северна Кореја.
XS
SM
MD
LG