Слободата на печатот во глобални рамки падна на најниско ниво во последните 13 години, како резултат на невидени закани кон новинари и медиуми во демократските држави, цензура во авторитарните системи, и како резултат на обидите на Русија и на Кина да го зголемат влијанието надвор од нивните држави, се вели во извештајот на „Фридом хаус“ за слободата на медиумите во 2016-та година.
„Политичките лидери во многу демократии, вклучувајќи ги САД, Полска, Филипините и Јужна Африка, го нападаа кредибилитетот на неазвисните медиуми и истражувачкото новинарство, отфрлајќи ја традиционалната улога на медиумите како чувари во слободните општества“, изјави Џенифер Данхам, директор на истражувањето за слободата на печатот.
Претседателот на „Фридом хаус“ Мајкл Абрамович изјави дека жестоките удари врз известувањето претставуваат опасност за слободата на печатот насекаде во светот.
„Кога политичарите во САД ги напаѓаат медиумите, ги охрабруваат нивните колеги во светот да го направат истото. Навредливите напади врз одделни новинари и новински организации во САД, го поткопуваат нашиот демократски статус како модел за слобода на печатот“, вели Абрамович.
Во извештајот се наведува дека Доналд Трамп го деградил печатот, и како кандидат за претседател на САД, и по неговиот избор, одфрлајќи ја улогата на медиумите да ги држат владите одговорни за нивните зборови и постапки.
Меѓу најголемите падови забележани во извештајот, се нотирани во Полска, Турција и во Унгарија. Уназадувањето во Унгарија и во Турција се случува веќе неколку години, додека големиот пад во Полска е аларм за влошување на ситуацијата.
Според наводите во извештајот, Авганистан, Аргентина, Панама и Шри Ланка направиле чекор кон подобрување на медиумската средина, загрозена од претходните лидери.
Но, резултатите во овие држави, стои во извештајот, допрва треба да се видат.
Клучните забелешки во извештајот покажуваат дека околу 13 проценти од светската популација ужива слобода на печатот, 42 проценти од државите се делумно слободни, додека 45 проценти живеат во држави во кои нема слобода на медиуми.
Нема слобода на медиумите во Македонија
Македонија е рангирана како земја во која нема слобода на медиуми.
„Македонија бележи пад, бидејќи владејачката партија ја зголеми контролата врз објавување на информациите преку нова телевизиска станица, но, и како резултат на зголемени физички опструкции или напади врз новинари“, стои во извештајот.
Во него се додава дека владејачката партија има контрола врз Јавниот сервис и приватните пријателски медиуми, и оти новинарите ризикуваат да бидат нападнати додека ги покриваат антивладините протести, вклучувајќи и страв од напади од полицијата.
Согласно извештајот, политичките лидери во другите држави во Западен Балкан вршат голем притисок врз независните медиуми.
Facebook Forum