Линкови за пристапност

„Фридом хаус“: Слободата на Интернет опаѓа шеста година по ред


На последно место е Кина, по што следат Сирија и Иран, а прва е Естонија. На второ место е Исланд, трета е Канада, а САД се четврти

Слободата на пристап до Интернет за 2016 бележи опаѓање шеста година по ред, се вели во најновиот извештај на „Фридом хаус“.

Две третини од сите корисници на Интернет, или 67 проценти, живеат во земји каде критиката на владата, армијата или владејачка гарнитура се предмет на цензура.

Социјалните мрежи се соочуваат со неверојатни казни, бидејќи изминатава година, властите во 38 држави наредиле апсења базирани на статуси на социјалните мрежи, се додава во извештајот. На глобално ниво, 27 проценти од сите корисници на Интернет живеат во земји кадешто луѓе се приведуваат за објавување, споделување или едноставно „допаѓање“ на одредена содржина на Фејсбук, на пример.

Фејсбук и Твитер веќе неколку години се предмет на зголемена цензура, но во нов тренд, вели „Фридом хаус“, владите особено целат на апликациите за испраќање и примање пораки, како „Ватс ап“ (WhatsApp) и „Телеграм“ (Telegram), познати по брзо и безбедно пренесување на информациите.

Властите во неколку земји дури избираат и во политички бурни времиња, комплетно да го забранат пристапот до Интернет, само за да ги спречат корисниците да ги дистрибуираат информациите преку социјалните медиуми и апликации за комуникации, наведува „Фридом хаус“.

Слободата за пристап до Интернет претставува обемна студија за слободата на Интернет во 65 земји ширум светот, опфаќајќи 88 проценти од корисниците на Интернет. Биле следени подемите и падовите на владините политики и пракси секоја година, а државите вклучени во студијата биле избрани на начин да претставуваат различни географски региони и видови на организации.

Ова е седми по ред извештај од серијата и се фокусира на ситуации и случувања во период од јуни 2015-та и мај 2016-та. Зад проектот стојат преку 70 истражувачи, речиси сите стационирани во земјите-предмет на анализа, притоа фокусирајќи се на законите и праксите релевантни со користењето на Интернетот, тестирајќи го пристапот до одредени веб-страници и интервјуирајќи најразлични извори на информации.

XS
SM
MD
LG