Линкови за пристапност

Опаѓа слободата на интернетот осма година по ред


Објавен најновиот извештај на „Фридом хаус“ за 2018-та година

Владите низ светот ја зголемуваат контролата врз податоците на граѓаните, и се повикуваат на лажни вести за да ја намалат довербата во интернетот и демократските вредности, се вели во најновиот извештај за слободата на интернетот на „Фридом хаус“.

Извештајот забележува дека дури и во демократиите со високо ниво на дигитална писменост, многу е тешко да се направи разлика меѓу доверливи извори и информации создадени од фабрики за лажни вести во Македонија, Русија или разузнавачки единици во Иран.

Според извештајот, онлајн пропагандата и дезинформациите значително ја преплавуваат дигиталната сфера, додека истовремено Кина ја засилува контролата дома и ги пренесува нејзините техники во други држави.

Овие трендови водат до опаѓање на глобалната слобода на интернетот веќе осма година по ред.

„Демократиите се мачат во ерата на дигитализација, додека Кина го пренесува нејзниот модел за цензура на информациите, во и надвор од нејзините граници“, вели Мајкл Абрамович, претседател на „Фридом хаус“.

Тој додава дека овој модел создава закана за интернетот и демократијата ширум светот.

„Американската влада и големите технолошки компании мора да заземат поголема улога во спречување на онлајн манипулацијата, и во заштита на податоците на корисниците“, вели Абрамович.

Според него, моменталната слабост на системот оди во корист на помалку демократските влади, кои ја зголемуваат контролата врз интернетот.

Во извештајот се опфатени 65 држави или 87 проценти од корисниците на интернетот во светот

Најголемо опаѓање на слободата на интернетот се забележува во Египет и Шри Ланка, а потоа во Камбоџа, Кенија, Нигерија, Филипините и Венцуела.

Опаѓање на слободата се забележува и во САД, каде Федералната комисија за комуникации ги укина регулативите, со кои се гарантираше слобода на интернетот и можноста да не се дава приоритет на интернет сообраќај врз основа на видот, изворот и дестинацијата.

Најмалку 17 држави, се наведува во извештајот, одобриле или предложиле закони со кои се ставаат рестирикции на онлајн медиумите во име на борба против „лажните вести“ и интернет манипулацијата.

Тринесет држави, пак, обвиниле граѓани за ширење наводно погрешни информации.

„Оваа година покажа дека интернетот може да се користи да ја загрози демократијата, исто како што може да ги дестабилизира диктатурите“, вели „Фридом хаус“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG